СДСМ СЕ ОТКАЖУВА ОД ДУИ Заслужуваат да останат длабоко во опозиција вели Лукаревска
Според Лукаревска, во јавноста се создава перцепција дека ДУИ, откако премина во опозиција, почесто користи реторика која носи нестабилност, вклучително и изјави за шатори пред Уставниот суд и најава за можни немири.

СДСМ го почитува правото на протест како демократско и уставно загарантирано, но предупредува дека изјавите и најавите за протестни активности од страна на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, создаваат непотребни тензии во јавноста. Ова го изјави пратеничката од редовите на СДСМ, Сања Лукаревска, во гостување на телевизиската емисија „Само вистина“.
Според Лукаревска, во јавноста се создава перцепција дека ДУИ, откако премина во опозиција, почесто користи реторика која носи нестабилност, вклучително и изјави за шатори пред Уставниот суд и најава за можни немири.
„Сега слушаме и најави дека ќе се приклучат на протестите на родителите на настраданите во Кочани. Ако е така, зошто тогаш не излегоа кога тие родители беа пред Собранието и не ги сослушаа нивните барања и болка?“, праша Лукаревска.
Таа оцени дека ваквиот пристап не одговара на партија што се декларира како проевропска и порача дека со такви изјави, ДУИ заслужено останува длабоко во опозиција.
„Народот е веќе изморен од конфликти меѓу политичари од различни партии. Наместо да се нудат решенија, слушаме дека ќе има протести само затоа што некој повеќе не е на власт и не може да ги влече конците“, додаде таа.
Лукаревска побара надлежните институции да ги разгледаат изјавите на Ахмети и да постапат соодветно, нагласувајќи дека одговорноста за политичката реторика мора да постои, особено кога се внесува немир кај граѓаните.


