СДСМ ПРИ КРАЈ СО ЛИСТИТЕ ЗА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ Отворени за соработка со политички истомисленици
Според најавите, партијата следната недела ќе излезе со официјални имиња, додека процесот на прелиминации е веќе во тек.

Во пресрет на локалните избори, опозициската СДСМ е во завршна фаза на креирање на листите за советници и избор на кандидатите за градоначалници. Според најавите, партијата следната недела ќе излезе со официјални имиња, додека процесот на прелиминации е веќе во тек.
Поранешниот министер за здравство и прв опозиционер, Венко Филипче, денеска истакна дека СДСМ останува отворена за соработка со коалициските партнери и сите политички субјекти кои ги делат истите вредности. На новинарско прашање дали е можна соработка и со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, доколку ја напушти владејачката коалиција, Филипче не даде конкретен одговор, но укажа дека „е очигледно оти работите во владината коалиција не функционираат како што треба“.
Од друга страна, актуелниот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, не ја исклучува можноста повторно да се кандидира на претстојните избори. Тој потврди дека веќе водел разговори на таа тема, но најави дека официјални информации ќе бидат соопштени за околу десет дена.
Паралелно со подготовките за локалните избори, сè почесто се споменува и можноста за одржување на предвремени парламентарни избори. Од СДСМ велат дека се подготвени и за такво сценарио, но нагласуваат дека тоа не е одлука која партијата може самостојно да ја донесе. Како што посочуваат, за тоа се водат разговори со останатите политички чинители во земјата.


