СДСМ ОБВИНУВА ЗА ПОВРЗАНОСТ НА СЕМЕЈНА ФИРМА СО МИЛИОНСКИ ТЕНДЕРИ Томовски демантира дека нема никаква врска со фирмата
Компанијата Сити аутсорсинг истакнува дека лицето споменато во обвинувањата нема никаква поврзаност со нив.

Опозициската СДСМ денеска откри нови детали за случајот со, како што велат, семејната фирма на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски. Од партиското седиште наведуваат дека, според нивни извори од внатрепартиското антикорупциско тело, телефонски број кој комуницирал со фирмата припаѓа на Томовски.
СДСМ претходно обвини дека фирмата добила над 5 милиони евра и над 160 тендери, особено во последните две години, и денеска повика институциите да реагираат.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, експресно реагираше и нагласи:
„Јас не сум сопственик и немам никаква директна врска со споменатата компанија. Не сум направил криминал, ниту сум видел докази за такво нешто. Вчера се нападна уште една домашна компанија која не е моја, а денес го објавија мојот телефонски број кој го имам со години и е познат на сите кои ме познаваат. Можеле да се јават и да се извинат, но одбраа судски пат. Ќе следи тужба.“
Компанијата експресно ја демантираше било каква поврзаност на Томовски со нив:
„‘Сити аутсорсинг’ работи успешно на пазарот со над 70 вработени и целосно ги исполнува законските обврски. Изразуваме загриженост од обидите за нарушување на угледот на компанијата. Лицето споменато во обвинувањата нема никаква деловна, кадровска или друга врска со ‘Сити аутсорсинг’.“
Државната комисија за спречување на корупција вчера посочи дека ги следи наводите за судир на интереси и корупција и дека ќе отвори постапка доколку оцени дека постои основание или добие пријава.


