СДС Е ЗАГЛАВЕНА ВО КОРУПЦИЈА И НЕСПОСОБНОСТ – Нови општински раководства до крајот на април
Мотивирано членство се вклучува во локални и централни структури

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, истакна дека лидерите на опозициската СДС се исти луѓе кои се крајно корумпирани и кои ја заглавија Македонија во тешка ситуација, од која сега ВМРО-ДПМНЕ ја извлекува земјата на вистинскиот пат.
„СДС ниту работи на програмско освежување, ниту на својата идеологија, која, по поразите, веројатно им се изгубила, ниту пак на кадровско обновување. Луѓето се уморни од гледање на истите корумпирани личности, кои со својата неспособност и полтронизам ја заглавија Македонија. Сега ВМРО-ДПМНЕ треба да ја врати земјата на патот којшто сите го поддржуваме – патот кон Европската Унија“, рече Ковачки.
Тој додаде дека во моментот СДС не нуди програма, визија или јасна идеологија.
„За да постои опозиција, треба да имате идеолошка опозиција. Јас не гледам таква од другата страна. Кадровската понуда на СДС е девастирана и не може да биде сериозна алтернатива на политиките на ВМРО-ДПМНЕ“, заклучи Ковачки.
Ковачки, во гостување на поткастот „Проверитас“ исто така зборуваше за реорганизацијата која се случува во партијата. Тој нагласи дека членството активно се вклучува и има желба да придонесе за развојот на партијата, како на локално, така и на централно ниво.
„Имаме над 800 апликанти за различни позиции, вклучувајќи претседатели на општинските комитети, како и членови на телата на партијата – ветерани, млади и жени. Ова е јасен показател дека членството е мотивирано, присутно и сака да придонесе во развојот на партијата и на татковината“, појасни Ковачки.
Тој додаде дека очекува сите процедури да завршат до крајот на април, а новите раководства да ги оформат општинските комитети и да продолжат со работа на терен во интерес на граѓаните.
„До крајот на април новите претседатели би требало да ги комплетираат своите општински комитети и месните комитети, кои се основната клетка на партијата, со што ќе заврши ова мало реконструирање во партијата“, заклучи Ковачки.


