САУДИСКАТА ЛИГА МУ СТАВИ ЛИМИТ НА РОНАЛДО – Ниту еден играч не е над клубот

Португалската суперѕвезда беше изоставена од составот на Ал Наср, а главната причина за незадоволството е трансферот на Бензема во ривалскиот Ал Хилал.

САУДИСКАТА ЛИГА МУ СТАВИ ЛИМИТ НА РОНАЛДО – Ниту еден играч не е над клубот
Фото: Принтскрин

Саудиската фудбалска лига денеска го предупреди Кристијано Роналдо, играчот на Ал Наср, дека ниту еден поединец, без разлика колку е значаен, не може да носи одлуки надвор од рамките на својот клуб.

Повикот доаѓа по извештаите дека Роналдо бил изоставен од составот за натпреварот против Ал Ријад во понеделникот, а дел од медиумите тврдеа дека Португалецот одбил да игра поради незадоволство од управувањето на клубот од Саудискиот јавен инвестициски фонд (ПИФ). Инаку, најсилните саудиски клубови – Ал Наср и Ал Хилал се управувани од ПИФ, кој е сопственик и на англискиот премиерлигаш Њукасл.

Би-Би-Си, повикувајќи се на анонимен извор, објави дека главната причина за фрустрацијата на Роналдо е трансферот на неговиот поранешен соиграч од Реал Мадрид, Карим Бензема, во ривалскиот Ал Хилал. Бензема дебитираше во четвртокот со хет-трик во победата на Ал Хилал од 6-0 против Ал Охдуд.

Иако Роналдо објави фотографија од своето враќање на тренинзите во средата, Би-Би-Си наведува дека Саудиската лига не е сигурна дали тој ќе настапи на денешниот натпревар против Ал Итихад.

„Саудиската лига функционира според еден основен принцип: секој клуб работи независно според истите правила. Клубовите имаат свои одбори, извршни директори и фудбалско раководство. Одлуките за трансфери, трошење и стратегија се на клубовите, во рамките на финансиски ограничувања кои обезбедуваат одржливост и конкурентност за целата лига“, стои во соопштението на Лигата.

Роналдо се приклучи на Ал Наср во 2022 година, станувајќи најплатен играч во историјата на фудбалот со годишна плата од 177 милиони фунти. Петкратниот добитник на „Златната топка“ го продолжи договорот за уште две години во јуни 2025 година, отфрлајќи шпекулации за заминување или позајмица во Ал Хилал.

„Кристијано е целосно посветен на Ал Наср од неговото доаѓање и игра значајна улога во растот и амбициите на клубот. Како и секој врвен натпреварувач, сака да победи. Но, ниту еден поединец, без разлика колку е важен, не донесува одлуки надвор од својот клуб“, се додава во соопштението.

CATEGORIES
Share This