САМОВОЛИЕТО НА МИЈАЛКОВ ПРОДОЛЖУВА Без проблем незаконски си го гради хотелот над Охридското езеро

Еколошки организации бараат итен прекин на изградбата на хотел во Горица: Градежните активности во спротивност со законите и заштитата на светското наследство

САМОВОЛИЕТО НА МИЈАЛКОВ ПРОДОЛЖУВА Без проблем незаконски си го гради хотелот над Охридското езеро

Иако граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ и Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ уште пред еден месец упатија Отворено писмо до надлежните институции со барање за итно запирање на изградбата на хотелски комплекс на локацијата „Горица 3“, на источниот брег на Охридското Езеро, Мијалков продолжува со самоволието.

Мијалков гради хотел врз основа на спорно Одобрение за градба, издадено на 6 април 2012 година од Општина Охрид. Одобрението, според активистите, е незаконско бидејќи за проектот не е спроведена оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС), ниту пак постои решение за согласност издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Дополнително, активистите истакнуваат дека одобрението за градба нема печат за правосилност, што автоматски ги доведува во прашање роковите за започнување и завршување на градбата, предвидени во Законот за градење – со што, како што наведуваат, се прекршуваат повеќе законски одредби.

„Хотелскиот комплекс се гради врз основа на урбанистички план од 2007 година, кој е спротивен на заклучоците од Стратегиската оцена на влијанието врз животната средина на Планот за управување со Охридскиот Регион. Во документот, локацијата ‘Горица 3’ е јасно посочена како закана за светското наследство“, предупредуваат двете организации.

Активистите упатија повик и до Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство да ги испитаат сите наводи и да поведат постапки против сите вклучени страни, меѓу кои и инвеститорот „Дивелоп Груп ДООЕЛ Скопје“ поради:

  • Хотелот се гради врз основа на незаконско одобрение;
  • Урбанистичкиот план е спротивен на препораките за заштита на светското наследство;
  • УНЕСКО предупредува – оваа локација е закана за природното и културното богатство на Охрид;
  • Институциите молчат, градежните машини работат.
CATEGORIES
TAGS
Share This