САМО ЖЕНИ ВО БАЗЕНОТ Одлуката во Тетово крена бура, се бара одговор дали е законска
Општината тврди дека мерката е донесена по барање на граѓанки, но критичарите отвораат прашања за еднаквиот пристап до јавен објект.

Градскиот базен во Тетово воведе посебни термини во кои објектот ќе можат да го користат исклучиво жени и девојки, додека на мажите во тие часови нема да им биде дозволен влез. Одлуката, која Општина Тетово ја образложува како одговор на барања од дел од граѓанките, отвори дебата за еднаквиот пристап до јавните услуги, можната полова сегрегација и законитоста на постапката.
Според новиот распоред, секоја среда и сабота од 8:30 до 12:00 часот базенот е резервиран само за жени и девојки.
Раководителот на Секторот за јавни дејности во Општина Тетово, Назми Даути, изјави дека ваквите термини се воведени по барање на граѓанки кои не сакале да го делат базенот со мажи.
„Тие термини се предвидени базенот да го користат само жени и девојки бидејќи не сакале да има мешање со мажи на базенот. Тоа е направено според барање на граѓаните, односно граѓанките од Тетово“, изјави Даути.
Одлуката предизвика поделени реакции. Дел од јавноста смета дека станува збор за оправдана мерка која треба да им овозможи на повеќе жени да се занимаваат со спорт и рекреација, додека други предупредуваат дека се создава нееднаков пристап до јавен објект финансиран со јавни средства.
Во Законот за спречување и заштита од дискриминација полот е утврден како заштитена основа, а сегрегацијата е дефинирана како физичко одделување на лица или групи врз дискриминаторска основа без легитимна и објективно оправдана цел. Законот дозволува посебни мерки за постигнување фактичка еднаквост, но само ако тие се неопходни, пропорционални, објективно оправдани и временски ограничени.
Во конкретниот случај засега не е познато дали Општина Тетово изготвила правна анализа со која се оправдува ваквата мерка и дали биле разгледувани други можни решенија.
Дополнителни дилеми отворија и тврдењата дека одлуката не поминала низ Советот на Општина Тетово кој, не расправал ниту гласал за измените, иако токму советниците треба да ги одобрат правилата за користење на базенот, термините и цените.
Одлуката ја донел градоначалникот Билал Касами без соодветна процедура и случајот би можел да добие и судска разрешница. Доколку се утврди дека не е испочитувана законската постапка, можно е прашањето да биде предмет на оценка и пред Уставниот суд.
Засега нема официјална реакција од Советот на Општина Тетово, каде мнозинството го сочинуваат советниците од коалицијата Вреди и ВМРО-ДПМНЕ, ниту од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Градскиот базен во Тетово е јавен спортски објект чија изградба започна во 2020 година со средства од тогашното Министерство за млади и спорт, како дел од државниот проект за изградба на 14 затворени базени низ државата.
Темата продолжува да предизвикува различни реакции во јавноста. Поддржувачите сметаат дека со посебните термини ќе им се овозможи на повеќе жени слободно да спортуваат, додека критичарите предупредуваат дека секое ограничување на пристапот до јавен објект врз основа на пол мора да биде јасно законски оправдано, транспарентно и донесено согласно пропишаните процедури. Дали институциите ќе поведат постапка и како ќе заврши случајот останува да се види.


