РУСИЈА СЕ ПРЕДОМИСЛИ Нема раскинување со Западот
Москва остава отворена врата за дијалог и соработка, и покрај затегнатите односи со западните земји.

Русија нема намера да ги раскинува постојните меѓународни договори со Северноатлантската алијанса, Европската унија, Светската трговска организација и Меѓународниот монетарен фонд. Ова го изјави Гари Мин, ополномоштен претставник на рускиот претседател во Државната дума, во интервју за агенцијата ТАСС.
Според Мин, руските надлежни институции не го поддржуваат раскинувањето на овие договори, бидејќи сметаат дека тие и понатаму имаат практична вредност и можат да претставуваат инструмент за комуникација и соработка со странски држави.
„Договорите што ги споменав се средство за комуникација со други земји. И шефот на државата и Сергеј Лавров постојано го застапуваат истиот став – Русија е подготвена за дијалог и не го отфрла“, изјави Мин.
Тој нагласи дека Москва продолжува да се залага за комуникација со другите земји, додавајќи дека руското раководство и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров повеќепати ја потврдиле подготвеноста за продолжување на дијалогот.
Мин, исто така, оцени дека Русија одговорно ги исполнува обврските што произлегуваат од меѓународните договори. Според него, Москва се води од принципот дека преземените меѓународни обврски треба да се почитуваат.
Неговата изјава доаѓа во период на затегнати односи меѓу Русија и западните земји, но укажува дека Москва не планира целосно да ги прекине институционалните механизми што овозможуваат комуникација и евентуална соработка.
Претходно, Антон Кобјаков, советник на рускиот претседател и извршен секретар на Организацискиот комитет на Источниот економски форум, изјави дека Русија се залага за прагматичен пристап и е подготвена за соработка доколку таа е во интерес на земјата. Според него, западните држави, од друга страна, се обидуваат да ги задржат во тајност своите активности во Русија.

