РОДИТЕЛИТЕ НА ЖРТВИТЕ ВО КОЧАНИ МАРШИРАА ЗА ПРАВДА Состанок со јавниот обвинител Коцевски
Протестот започна во 12:05 часот пред зградата на Јавното обвинителство - симболично време што, според организаторите, го одразува чувството на задоцнета и недоволна реакција од надлежните органи. Учесниците во маршот продолжија кон плоштадот „Македонија“, а завршна дестинација беше Собранието на Република Северна Македонија.

Со емотивен протестен марш насловен „Марш за ангелите“, семејствата и блиските на младите кои трагично го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска уште еднаш побараа правда и одговорност од институциите.
Протестот започна во 12:05 часот пред зградата на Јавното обвинителство – симболично време што, според организаторите, го одразува чувството на задоцнета и недоволна реакција од надлежните органи. Учесниците во маршот продолжија кон плоштадот „Македонија“, а завршна дестинација беше Собранието на Република Северна Македонија.
„Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат. Свесни ли се за и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со „фати, па пушти“, без да има јасно образложение за таа законска процедура, и што се создава во нашите мисли кои се на работ на себеуништување“ – се истакнува во пишаното известување од семејствата.
Семејствата на настраданите во трагичниот настан добија можност подетално да се запознаат со текот и содржината на истражната постапка. Јавното обвинителство вчера упати повик до блиските на жртвите, при што ги повика, доколку се заинтересирани, во текот на денешниот ден да остварат средба со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и со обвинителите кои работат на предметите.
„Доколку постои интерес од страна на семејствата, тие можат да определат свои претставници – најмногу по еден член од семејство на секоја од жртвите – кои ќе присуствуваат на средбата со јавниот обвинител и надлежните обвинители“ – се наведува во соопштението од Обвинителството.
Со оваа иницијатива, Обвинителството изрази подготвеност за транспарентна комуникација со најблиските на настраданите, со цел тие од прва рака да добијат информации за досегашниот тек и идните чекори во истрагата.
Дел од родителите и роднините на жртвите влегоа во просториите на Јавното обвинителство, каде што остварија средба со јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Состанокот беше инициран од нивна страна, со цел да добијат конкретни информации за текот на истрагата и да нагласат дека бараат брза, транспарентна и правична постапка.
Роднините на настраданите млади ја потенцираа потребата од вистинска институционална одговорност, повикувајќи на надминување на формалностите и обезбедување на правдата која, како што велат, предолго ја чекаат.
„Ова не е само наша лична болка – ова е и порака дека секој млад живот заслужува безбедност и почит. Нема да се откажеме сè додека не дознаеме кој и зошто дозволи оваа трагедија да се случи,“ – порачаа родителите.
Маршот помина мирно, со силна поддршка од граѓани и активисти кои се приклучија во знак на солидарност. Организаторите најавија дека борбата за вистина и правда ќе продолжи сè додека институциите не понесат одговорност и не обезбедат транспарентен исход од истрагата.


