РОДИТЕЛИТЕ НА ЖРТВИТЕ ОД ПУЛС ДЕМАНТИРААТ – Не сме побарале ограничување на празничните активности

Родителите на трагично загинатите деца не побарале откажување или ограничување на празничните активности

РОДИТЕЛИТЕ НА ЖРТВИТЕ ОД ПУЛС ДЕМАНТИРААТ – Не сме побарале ограничување на празничните активности
Фото: Национал

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“, во име на родителите на трагично загинатите деца во дискотеката „Пулс“, денеска јавно ги демантира шпекулациите дека семејствата побарале откажување или ограничување на новогодишните активности во Кочани.

Во последните денови се појавија информации дека новогодишната прослава и празничното украсување во градот ќе бидат сведени на минимум, како резултат на наводни барања од семејствата на жртвите. Здружението ја појаснува целосната неточност на овие тврдења.

„Никогаш не сме побарале ниту предложиле откажување или ограничување на празничните активности. Не сме давале никакви барања во врска со украсувањето на градот“, се вели во соопштението.

Родителите нагласуваат дека ја поддржуваат секоја иницијатива за достоинствено одбележување на новогодишните и божиќните празници, при што прославите и украсувањето секогаш биле надлежност на Општина Кочани.

„Ваквите недоразбирања ненамерно создаваат дополнителна болка во веќе тежок период“, додаваат од здружението, апелирајќи до јавноста да не подлегнува на дезинформации и до институциите и јавните личности да бидат внимателни при изнесување информации поврзани со трагедијата.

На крајот од соопштението, родителите повторуваат дека нивниот фокус останува на „правда, одговорност и поголема безбедност за сите млади, за ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“.

CATEGORIES
Share This