РОЧИШТЕ ЗА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ПУЛС – Денеска сослушување сведоци

Во судницата во Идризово денеска продолжува процесот со сослушување сведоци и застапници на оштетените

РОЧИШТЕ ЗА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ПУЛС – Денеска сослушување сведоци
Фото: Национал

Со сослушување на сведоци и законски застапници на оштетените, денеска во судницата во Идризово продолжува судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.

Претходното рочиште беше одложено по барање на одбраната на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џаферовски. Неговата бранителка, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, во меѓувреме беше избрана за член на Судскиот совет.

На последното рочиште, одржано во декември, судницата беше исполнета со силни емоции. Семејствата на загинатите, низ солзи, воздишки и болни лелеци, ги слушаа потресните сведочења на мајките чии гласови беа скршени од тагата. Обвинетите молчеа со наведнати глави, додека сведоците сведочеа дека по 16 март нивниот живот неповратно се променил.

Во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев нагласи дека процесот претставува обид за утврдување и на лична и на институционална одговорност. Според него, општеството мора да се соочи со прашањата кој дозволил, кој молчел и кој пропуштил да ја спречи трагедијата. Тој истакна дека не е клучно само кој го предизвикал пожарот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата е резултат на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг од контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.

Дел од обвинетите, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението, тврдејќи дека не презеле дејствија што би довеле до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека одговорноста лежи во институционалните пропусти, а не во индивидуалната вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци во прилог на овие тврдења.

Во воведниот збор, одбраната на првообвинетиот, сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, наведе дека и по девет месеци притвор не може да ја прифати трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во објектот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната изјави дека против него не постои ниту еден доказ и дека е обвинет единствено поради припадноста на семејството Јованови.

Сите останати обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни за делото што им се става на товар.

Пожарот избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле користени без дозвола. Според обвинението, дискотеката со години работела незаконски и без минимално-технички услови и без соодветен систем за противпожарна заштита.

CATEGORIES
Share This