РОБОТИ ШТО ЛИЧАТ НА ЛУЃЕ ПРИСТИГНУВААТ ВО СКОПЈЕ Еве каде ќе можете да ги видите

Од 29 до 31 октомври, во СЦ „Борис Трајковски“, ќе се одржат саемите ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 и РЕАЛ ЕКСПО 2026, на кои ќе бидат претставени хуманоидни роботи, вештачка интелигенција, иновативни технологии и нови инвестициски проекти.

РОБОТИ ШТО ЛИЧАТ НА ЛУЃЕ ПРИСТИГНУВААТ ВО СКОПЈЕ Еве каде ќе можете да ги видите
Фото: Принтскрин

Од утре, 29 октомври, Скопје ќе биде домаќин на два значајни меѓународни саемски настана – ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 и Саемот за недвижности РЕАЛ ЕКСПО 2026, кои ќе се одржуваат до 31 октомври во Т Арена, СЦ „Борис Трајковски“. Под мотото „Вклучи одржливи навики“, на едно место ќе се соберат компании, инвеститори, експерти, институции и млади иноватори, кои ќе ги претстават најновите достигнувања во технологијата, енергетиката, индустријата и недвижностите.

На изложбена површина поголема од 3.000 квадратни метри ќе бидат презентирани решенија од роботиката, автоматизацијата, обновливите извори на енергија, циркуларната економија и дигиталната трансформација.

Една од најголемите атракции на ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 ќе биде претставувањето на хуманоидни роботи од словенечката технолошка компанија Hiproject. Посетителите ќе можат да дознаат како овие технологии се применуваат во индустријата, логистиката, фармацевтското производство, здравството и туризмот.

„Посетителите ќе можат одблиску да се запознаат со овие технологии и да дознаат повеќе за нивната примена во реални работни средини“, најави Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски саем.

Технолошката револуција носи и сериозни предизвици за пазарот на трудот. Извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, Антони Пешев, посочи дека околу 40 проценти од постојната работна сила ќе треба да се преквалификува за да остане конкурентна.

Според бројките што ги изнесе Пешев, на глобално ниво 90 милиони работни места ќе бидат изложени на трансформација, но новите технологии истовремено би можеле да создадат 180 милиони нови работни места. Тој предупреди дека македонските компании мора побрзо да инвестираат во технологија, да развиваат конкурентни производи и да освојуваат нови извозни пазари.

„Промените се случуваат брзо и немаме време за одложување“, порача Пешев.

Во рамките на саемот ќе се одржи и конференцијата Manufacturing 2026, посветена на модернизацијата на производството и примената на новите технологии. Марта Наумовска Грнарова, основач и претседател на Македонската асоцијација на метална и електро индустрија – МАМЕИ, нагласи дека конкурентноста на домашните компании сè повеќе зависи од знаењето, иновациите и технолошкиот напредок.

На панел-дискусиите ќе се разговара за вештачката интелигенција, роботизацијата, автоматизацијата, енергетската ефикасност, зелената транзиција и можностите за финансирање преку зелени кредити.

Паралелно со технолошкиот саем, РЕАЛ ЕКСПО 2026 ќе ги собере градежните компании, инвеститорите, агенциите за недвижности и другите професионалци од секторот. Посетителите ќе имаат можност да разгледаат актуелни понуди за недвижности, нови инвестициски проекти и развојни иницијативи од Македонија и регионот. Посебно внимание ќе биде посветено на современите градежни материјали, зелената градба, енергетската ефикасност и квалитетот на домувањето. Ќе се отвори и дискусија за движењата на пазарот на недвижности, урбаната инфраструктура, квалификуваната работна сила и заштитата на купувачите.

Свеченото отворање е закажано за 29 октомври, од 11:00 до 11:30 часот. Како почесни гости се најавени министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Двата саема ќе бидат отворени за посетителите од 10:30 до 18:30 часот, од 29 до 31 октомври.

Партнери на настаните се словенечката технолошка компанија Hiproject и НЛБ Банка Скопје, како финансиски партнер.

CATEGORIES
Share This