РЕКОРДЕН РАСТ НА МАКЕДОНСКИТЕ АЕРОДРОМИ За шест месеци два милиони патници
Скопскиот и охридскиот аеродром бележат раст од над 30 проценти, а годинава се очекува да биде надмината бројката од 3,5 милиони патници.

Македонските аеродроми продолжуваат да бележат рекордни резултати, откако во првата половина од годинава низ Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид поминале два милиони патници. Тоа претставува раст од повеќе од 30 проценти во споредба со истиот период минатата година, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Николоски истакна дека кога актуелната Влада го започнала својот мандат, на годишно ниво биле евидентирани нешто повеќе од два милиони патници, додека сега истата бројка е достигната за само шест месеци.
Тој потсети дека минатата година за првпат бил надминат прагот од три милиони патници, а според сегашните проекции, до крајот на годинава се очекува нов рекорд со повеќе од 3,5 милиони патници. Како следна цел, министерот ја посочи бројката од четири милиони патници годишно.
Според Николоски, аеродромите во Скопје и Охрид се меѓу најбрзо растечките во регионот, а значаен придонес за ваквите резултати имаат 28-те нови авиолинии кои беа воведени во изминатиот период.
Министерот нагласи дека и покрај кризата предизвикана од војната на Блискиот Исток, работењето на македонските аеродроми не било значително нарушено. Дополнително, посочи дека скопскиот аеродром во тој период обезбедувал снабдување со керозин и за аеродромите во Приштина и Ниш.
Според него, постигнатите резултати се потврда за забрзаниот развој на воздушниот сообраќај во земјава и за зголемениот интерес на патниците за користење на македонските аеродроми.


