РЕКОРДЕН ИНТЕРЕС ЗА МЕРКАТА ЗА САМОВРАБОТУВАЊЕ – Над 6.000 апликации годинава

Владината поддршка се зголемува за дополнителни 300 милиони денари за да не остане ниту еден потенцијален претприемач без шанса.

РЕКОРДЕН ИНТЕРЕС ЗА МЕРКАТА ЗА САМОВРАБОТУВАЊЕ – Над 6.000 апликации годинава
Фото: Влада

Денеска, премиерот Христијан Мицкоски ја нагласи важноста на мерката за самовработување, која им овозможува на граѓаните да започнат сопствен бизнис и да ја преземат иднината во свои раце.

„Економијата расте кога граѓаните имаат поддршка да создаваат, да иновираат и да стануваат претприемачи. Мерката за самовработување е една од најатрактивните и најуспешните програми во државата“, истакна Мицкоски.

Оваа година интересот е рекорден – пристигнати се над 6.000 апликации, а издадени се 2.916 ваучери за изработка на бизнис план. Од нив, 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за ДОО. Во моментов, 2.545 лица се во процес на потпишување договори за грант и ќе следува дводневна обука за започнување на бизнис.

„Од вкупно 6.045 апликации, 3.296 се од млади лица под 29 години, што е особено охрабрувачки“, додаде премиерот.

Финансиската поддршка е значително зголемена бидејќи  се определуваат 7.000 евра за лица над 29 години, 14.000 евра ако се здружат во ДОО, 10.000 евра за млади до 29 години и 20.000 евра ако се здружат во ДОО

„Ова не се само бројки туку ова се нови бизниси, работни места и можности за развој на економијата“, истакна Мицкоски.

Мерката е дел од Оперативниот план за 2025 година, со буџет од над 2,5 милијарди денари (40 милиони евра), што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. Со овој план ќе бидат опфатени 16.507 лица и е најголем досега.

Поради големиот интерес, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување додадоа уште 300 милиони денари за да обезбедат шанса за секој потенцијален претприемач.

Мицкоски нагласи дека мерката го поттикнува претприемништвото во руралните средини, ја активира младината, ги поддржува жените претприемачи и им овозможува на граѓаните со добра идеја да ја претворат во успешен бизнис.

„Денес потпишуваме нова енергија во економијата, нови работни места и успешни приказни. Претприемачите се двигатели на развојот, а нашата задача е да им ја дадеме поддршката и да создадеме стабилна и мотивирачка економска средина. Честитки за храброста и успехот а државата стои зад секој чекор на претприемачите“, порача Мицкоски.

CATEGORIES
TAGS
Share This