РЕГИСТРИРАНИ 33 ПОЖАРИ ВО ЗЕМЈАТА – активен пожар кај село Нивичино
Од нив, еден пожар е сè уште активен, четири се под контрола, додека 28 се целосно изгаснати.

Според последните податоци на Центарот за управување со кризи (ЦУК), до утрово во земјава се регистрирани вкупно 33 пожари на отворен простор. Од нив, еден пожар е сè уште активен, четири се под контрола, додека 28 се целосно изгаснати.
Активниот пожар се наоѓа во општина Василево, кај селото Нивичино, каде што гори нискостеблеста шума.
Меѓу пожарите што се ставени под контрола се:
- Општина Велес (околу селата Џидимирци, Крушје и Иванковци),
- Општина Дојран (село Николич),
- Општина Демир Хисар (депонија),
- Општина Македонски Брод (помеѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа).
Пожарите што се изгаснати во изминатите денови беа евидентирани во повеќе општини низ државата, меѓу кои: Гостивар, Кочани, Неготино, Старо Нагоричане, Куманово, Кратово, Сарај, Гази Баба, Сопиште, Студеничани, Карпош, Ѓорче Петров, Петровец, Босилово, Желино, Тетово, Јегуновце, Македонска Каменица, Струга и Илинден.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат внимателни, да се придржуваат до забраната за движење во шуми, да не палат оган на отворено и да не фрлаат запалени предмети, со цел спречување на нови пожари.


