РЕАКЦИИ ОД РУСИЈА, ИРАН, БЕЛОРУСИЈА И ЕУ – Ќе ги викнеме САД на час по меѓународно право во СБ на ОН
Уште додаваат дека треба да се почитуваат принципите на меѓународното право и суверенитетот на другите

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека вооружената агресија на САД против Венецуела предизвикува длабока загриженост и силна осуда од Москва.
Во соопштението се наведува дека американските оправдувања за нападот се целосно неосновани, а се потенцира и ставот дека Латинска Америка мора да остане зона на мир. Според руската дипломатија, идеолошкото непријателство повторно надвладеало над прагматизмот во меѓународните односи.
„На Венецуела мора да ѝ се гарантира правото самостојно да ја одлучува својата судбина, без надворешно мешање“, се наведува во реакцијата.
Русија ја поддржува иницијативата за итно свикување седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, со цел разгледување на состојбата.
Во продолжение, Москва ја потврдува својата солидарност со венецуелскиот народ и изразува поддршка за политиките на актуелното раководство насочени кон заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.
„Од клучно значење е да се спречи понатамошна ескалација и да се најде решение преку дијалог“, се заклучува во соопштението.
Иран остро реагираше на американскиот воен напад врз Венецуела, оценувајќи го како грубо кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на таа земја.
Во соопштение објавено во саботата, иранското Министерство за надворешни работи истакна дека нападот претставува јасно прекршување на основните принципи на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право, со посебен акцент на членот 2, став 4, кој строго ја забранува употребата на сила во меѓународните односи, пренесува Анадолу.
„Ова е училишен пример за чин на агресија кој мора итно и недвосмислено да биде осуден од Обединетите нации и од сите држави што се залагаат за владеење на правото, мир и меѓународна безбедност“, се наведува во реакцијата.
Иранските власти го повторија и, како што наведуваат, неотуѓивото право на Венецуела да го брани својот суверенитет, територијален интегритет и правото на самоопределување.
Во соопштението дополнително се нагласува правната и моралната одговорност на сите држави и меѓународни организации, а особено на Советот за безбедност на Обединетите нации, итно да преземат мерки за запирање на, како што е оценето, „нелегалната американска агресија“ и да обезбедат одговорност за оние што ги планирале и спровеле нападите.
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, категорично ја осудува американската агресија врз Венецуела, изјави неговата портпаролка Наталија Ејсмонт за РИА Новости.
„Претседателот го осудува чинот на американска агресија врз Венецуела“, истакна Ејсмонт, коментирајќи го воздушниот напад и апсењето на претседателот Николас Мадуро.
Портпаролката потсети дека Лукашенко неодамна предупредил за последиците од потенцијален напад во интервју со американски новинари:
„Ова ќе биде уште еден Виетнам. А на Американците тоа не им е потребно“.
Европската унија (ЕУ) ги следи случувањата во Венецуела по извештаите за американски напади на објекти во земјата и повика на воздржаност и неповредливост на меѓународното право.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, на социјалната мрежа X соопшти дека разговарала со американскиот државен секретар Марко Рубио и со амбасадорот на ЕУ во Каракас, додека блокот внимателно ја следи ситуацијата.
Повторувајќи го ставот на ЕУ дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро „нема легитимитет“, Калас нагласи дека блокот поддржува мирна транзиција на власта и го истакна основниот принцип на меѓународното право:
„Принципите на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации мора да се почитуваат под сите околности. Повикуваме на воздржаност.“
Таа истакна и дека обезбедувањето на безбедноста на граѓаните на ЕУ во Венецуела останува апсолутен приоритет.
Повикот на ЕУ доаѓа во време на спротивставени тврдења од Вашингтон и Каракас. Американски претседател Доналд Трамп на платформата Truth Social објави дека спровел „операција од големи размери“ која резултирала со апсење на Мадуро.
Од своја страна, венецуелската влада прогласи вонредна состојба, осудувајќи ги нападите како акт на агресија и кршење на нејзиниот суверенитет.


