РАСТЕ БРОЈОТ НА СОМНИТЕЛНИ СРЦЕВИ ИНТЕРВЕНЦИИ Пријавени уште 10 сомнителни кардиолошки случаи, досега вкупно 23
Меѓународната комисија со експерти од Словенија, Италија и Австрија ќе треба да потврди дали сомнежите се оправдани, но нивната работа е најавено дека ќе започне по изборите.

Уште десет сомнителни кардиолошки случаи се пријавени во Фондот за здравствено осигурување, со што вкупната бројка досега достигна 23. Од Фондот најавуваат дека предметите ќе бидат проследени до Министерството за здравство.
Претходно беа доставени пет случаи кои веќе се разгледуваат од домашната комисија, а дополнителни пријави најавува и една приватна болница, за интервенции извршени во државни установи.
Министерството за здравство пред две недели побара од Лекарската комора да спроведе надзор во 11 јавни и приватни здравствени установи, каде во изминатите три години се вршеле кардиолошки, кардиохируршки и кардиоваскуларни интервенции.
Надзорот ќе се реализира со случаен избор на медицински истории преку електронскиот систем „Мој термин“, заради побрза и поефикасна селекција. По изборот, од болниците ќе бидат побарани досиејата на пациентите, а Комората предупредува дека поради обемноста на работата ќе биде потребно повеќе време за завршување на процесот.
Пред еден месец државната кардиохирургија достави осум случаи со неправилности во коронарографиите, а директорот Димитриевски потврди дека тие се веќе во постапка на разгледување.
Случајот за можни непотребни срцеви операции прв го отвори кардиологот Сашко Кедев. По неговите обвинувања дека приватни болници вршеле интервенции за профит на сметка на пациенти и фондовски средства, министерот за здравство формираше две комисии – домашна и странска.
Меѓународната комисија со експерти од Словенија, Италија и Австрија ќе треба да потврди дали сомнежите се оправдани, но нивната работа е најавено дека ќе започне по изборите.


