РАСИСТИЧКИ ИНЦИДЕНТ – Реал Мадрид ја достави истрагата до УЕФА
Клубот ја истражуваше ситуацијата на трибините, каде навивачи упатувале расистички гестови кон играчите.

Реал Мадрид денеска официјално ѝ ги предаде на УЕФА резултатите од нивната истрага за инцидентот на „Естадио да Луж“ во првиот натпревар од плејофот за Лигата на шампионите 2025/26 против Бенфика. Тензиите ескалираа по голот на Винисиус, што доведе до привремен прекин на натпреварот кога судијата Франсоа Летексиер го активираше протоколот против расизам по пријавата на бразилскиот напаѓач за навреди од аргентинскиот играч на Бенфика, Престијани.
Реал Мадрид ја фокусирал истрагата на настаните на трибините, каде дел од навивачите упатувале расистички гестови кон играчите, особено кон Винисиус. Клубот сепак смета дека тешко ќе се докажат навредите од Престијани, бидејќи играчот го покривал лицето со маицата додека го навредувал.
Во официјалното соопштение, Реал Мадрид истакна:
„Ги доставивме сите достапни докази до УЕФА и активно соработуваме со истрагата. Благодариме за поддршката што Винисиус ја доби од сите сфери на светскиот фудбал. Ќе продолжиме да работиме за искоренување на расизмот, насилството и омразата во спортот и општеството.“


