РАКОМЕТНА РЕВОЛУЦИЈА – Три држави заедно во борба за заедничка лига
Регионалните лиги ќе започнат веќе оваа година, со цел поголема конкурентност и професионални стандарди.

Претставници на ракометните федерации на Србија, Северна Македонија и Црна Гора денеска се сретнаа во Белград за заеднички состанок, со главна тема формирањето на регионални лиги за машка и женска конкуренција, соопшти РФМ.
На средбата беа разгледани различни модели за организација на лигите, вклучувајќи повеќе варијанти на лигашки систем, со цел унапредување на квалитетот на ракометот, зголемување на конкурентноста и зајакнување на регионалната соработка. Учесниците се согласија дека лигите треба да започнат веќе во септември оваа година, со висок степен на организација и професионални стандарди.
Конечната одлука за форматот на натпреварувањето ќе биде донесена на наредниот состанок, кој е закажан за април во Скопје, кога ќе се усогласат сите клучни детали и ќе се дефинира финалниот модел на лигите. На овој состанок ќе бидат поканети и претставници на клубовите, за активно учество во процесот на донесување одлуки.
Ракометните федерации продолжуваат со интензивна соработка со цел успешна реализација на овој значаен проект за развој на ракометот во регионот.


