ПУТИН ТВРДИ ЗА НАПАД ВРЗ НЕГОВАТА РЕЗИДЕНЦИЈА – Зеленски негира, Трамп вели можеби лага, можеби вистина
Руските власти ја опишуваат акцијата како внимателно испланиран терористички напад

Рускиот генерал-мајор Александар Ромањенков, командант на противвоздушните ракетни сили, изјави дека Украина темелно го подготвила неуспешниот напад врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин. Според него, нападот бил внимателно испланиран и повеќеслоен, со воздушни средства од југ, југозапад и запад, насочени кон претседателската резиденција во Новгородската област.
Ромањенков тврди дека нападот бил откриен во неделата околу 19:20 часот по московско време. Беспилотните летала, како што наведува, пристигнале од Сумската и Черниховската област, но сите биле соборени над Брјанската, Смоленската и Новгородската област. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, додаде дека Москва ќе ја преиспита својата преговарачка позиција за Украина по овој настан.
Кремљ, преку портпаролот Дмитриј Песков, оцени дека Украина со овој настан ги поткопува напорите на американскиот претседател Доналд Трамп, но дека тоа нема да влијае на дијалогот меѓу Русија и САД. Рускиот командант истакна дека за време на одбивањето на нападот не е предизвикана штета, ниту има жртви или повредени, а руската армија дејствувала координирано и професионално.
Од друга страна, Украина ги отфрла обвинувањата. Министерот за надворешни работи, Андриј Сибиха, рече дека нема докази за нападот и оцени дека Русија често лажно обвинува други за своите сопствени акции. Претседателот Володимир Зеленски исто така ги нарече тврдењата „лаги“ и предупреди дека Кремљ можеби подготвува изговор за нови руски напади врз Киев и државните институции.
Амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер, изрази сомнеж во руските тврдења и рече дека сака да ги види американските разузнавачки податоци за настанот. Тој додаде дека е нејасно дали нападот навистина се случил и дека такви акции би биле несоодветни во време на напори за мировни преговори.
Претседателот Доналд Трамп потврди дека Путин му рекол за наводниот напад во телефонски разговор, но нагласи дека нема конкретни докази и дека е можно тврдењата да се лажни.


