ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА – Македонската телевизија нема да го пренесува Мундијалот
Првпат по независноста Светското фудбалско првенство нема да оди на МРТ

Светското првенство во фудбал 2026, кое започнува на 11 јуни и ќе се одржи во САД, Мексико и Канада, за првпат по независноста на Македонија нема да биде емитувано на МРТ.
Според информациите, телевизиските права за Македонија и дел од регионот ги има „Арена Спорт“, па љубителите на фудбалот Мундијалот ќе можат да го следат преку оваа спортска телевизија. Се очекува натпреварите да бидат пренесувани и со македонски коментар, што би овозможило локализирано гледање на најголемиот фудбалски настан.
ФИФА веќе ги објави носителите на ТВ правата, а македонскиот јавен сервис МТВ не се наоѓа меѓу нив, што значи дека овој пат нема да ги пренесува натпреварите од Светското првенство.
Ова не е првпат голем фудбалски турнир да не биде на МТВ и слична ситуација имаше и со Европското првенство во 2008 година, кога преносите ги обезбедуваше телевизијата „Алсат“.
Иако сè уште нема официјална потврда, најавите велат дека „Арена Спорт“ би можела да понуди и коментар на македонски јазик.
Мундијалот ќе трае од 11 јуни до 19 јули, а Македонија нема да учествува откако беше поразена во баражот од Данска. Од регионот, пласман обезбедија Хрватска и Босна и Херцеговина.
Ова Светско првенство ќе биде историско и поради новиот формат со 48 репрезентации, како и поради тоа што првпат ќе се игра во три различни држави.
