ПРОВОКАЦИЈА ИЛИ РЕАЛНА ПОТРЕБА Финска купува муниција за Украина за 90 милиони евра од блокирани руски пари
Од Кремљ засега нема официјален коментар за оваа одлука, но руските власти претходно повеќепати изразија противење на каква било конфискација или користење на замрзнатите средства. Москва тврди дека таквите мерки се незаконски, ги нарушуваат имотните права, претставуваат опасен преседан и ќе бидат оспорени на меѓународен суд.

Финска ќе и испорача муниција на Украина во вредност од 90 милиони евра, користејќи дел од замрзнатите руски средства што беа блокирани од Европската унија по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Веста ја потврди финското Министерство за одбрана.
Според проценките на ЕУ, околу 210 милијарди евра – од вкупно приближно 300 милијарди долари замрзнати руски средства се чуваат во земјите-членки на Унијата, претежно во форма на државни обврзници што ги поседува Централната банка на Русија како дел од нејзините девизни резерви.
Минатата година Европската комисија одобри приходите од овие замрзнати средства да се користат за воена поддршка на Украина, преку специјален фонд управуван од ЕУ.
„Успеавме да договориме дополнителни средства за финска поддршка на Украина“, изјави министерот за одбрана на Финска, Анти Хаканен.
Тој додаде дека производите ќе бидат набавени од финската одбранбена индустрија, што ќе придонесе за зголемување на вработеноста во земјата.
„Многу сум задоволен од овој исход“, истакна Хаканен.