ПРОТЕЧЕ ДОКУМЕНТОТ Еве што бара Иран од Америка за прекин на кризата
Нацрт-договорот предвидува итен прекин на огнот, укинување на санкциите и гаранции за безбедност во Ормутскиот теснец.

Извори за саудискиот информативен канал Ал Хадат открија детали од нацрт-договор меѓу Иран и САД, кој со посредство на Пакистан предвидува итен и безусловен прекин на огнот, стопирање на воените операции и постепено укинување на американските санкции кон Техеран.
Според информациите, документот содржи девет точки, меѓу кои централно место има целосниот прекин на огнот на сите фронтови. Договорот предвидува и двете страни да се воздржат од напади врз воени, цивилни и економски цели, како и прекин на медиумските кампањи и пропагандната војна.
Во текстот на нацрт-договорот се нагласува почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Иран, без мешање во внатрешните работи на државата. Дополнително, се предвидува гарантирање на слободата на пловидба во Арапскиот Залив, Хормутскиот теснец и Оманското Море.
Документот вклучува и формирање заеднички механизам за следење на спроведувањето на договорот и решавање евентуални спорови, додека разговорите за отворените прашања би започнале во рок од седум дена.
Една од клучните точки е постепеното укинување на американските санкции против Иран, во замена за исполнување на обврските од страна на Техеран. Воедно, договорот ја потврдува посветеноста на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации и, според најавите, би стапил во сила веднаш по официјалната потврда од двете страни.
Пакистански извор за Ал Хадат изјавил дека актуелните разговори се водат во атмосфера на „претпазлив оптимизам“, оценувајќи дека во моментов „нема алтернатива за привремен договор меѓу САД и Иран“.
Истиот извор посочил дека намалувањето на разликите меѓу двете страни е сложен процес поради високите барања и на Вашингтон и на Техеран, но контактите продолжуваат, особено околу прашањата поврзани со Ормутскиот теснец и иранската нуклеарна програма.
Техеран оваа недела претстави нов американски предлог, за кој тврди дека е речиси идентичен со претходно одбиениот план на американскиот претседател Доналд Трамп. Предлогот, според информациите, опфаќа контрола врз Хормутскиот теснец, исплата на воени репарации, укинување на сите американски санкции и деблокирање на замрзнатите ирански средства во странство.
Во меѓувреме, пакистанскиот посредник му го доставил американскиот одговор на Техеран, а иранската страна сè уште го анализира документот, наведува Ал Хадат.
Министерот за внатрешни работи на Пакситан, Мошин Нагви, моментално престојува во Техеран, каде денеска се сретна со шефот на иранската дипломатија Абас Араксчи.
