ПРОМЕНА ВО ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР Паушалните сметки стануваат минато
Според новите правила, фактурите мора да се издаваат исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка, освен во случаите кога мерниот уред е технички неисправен.

ЕВН повеќе нема право да издава паушални фактури за електрична енергија, откако денеска стапи на сила новиот Закон за енергетика. Според новите правила, фактурите мора да се издаваат исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка, освен во случаите кога мерниот уред е технички неисправен.
Инженерите од Македонија реагираа и поднесоа претставка до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), барајќи вонреден надзор над работењето на ЕВН. Тие предупредуваат дека паушалното фактурирање е незаконско и бараат доколку се утврди континуирана повреда на законските обврски, РКЕ да иницира раскинување на договорот за купопродажба на 90% од акциите на ЕСМ, склучен со ЕВН Австрија во 2006 година.
Од Регулаторната комисија потврдија дека ја примиле претставката и дека ќе постапат согласно Законот за постапување по претставки и предлози. Воедно, информираа дека по донесувањето на новиот Закон за енергетика, наскоро ќе бидат подготвени и нови подзаконски акти, вклучувајќи ги и Правилата за снабдување со електрична енергија.
Законот, донесен пред две недели, претставува значајна реформа во енергетскиот сектор, со цел создавање либерален, транспарентен и конкурентен пазар на електрична енергија. Промените ќе овозможат повеќе избор и подобар квалитет на услуги за потрошувачите.
За првпат во законската регулатива се опфатени и батериите и складирањето на енергија, како и формирањето на граѓански енергетски заедници. Исто така, МЕПСО ќе премине под надлежност на Министерството за енергетика, а ќе се воведе и нова методологија за мерење на енергетската сиромаштија.
До 30 јуни, носителите на лиценци за енергетски дејности, вклучувајќи ги и оние за пробна работа, треба да поднесат барања за нивна промена до Регулаторната комисија за енергетика, во спротивно лиценците ќе престанат да важат.


