ПРОФИТ ЗА УСЈЕ, БОЛЕСТ ЗА НАРОДОТ – Протестен марш против загадувањето во Скопје
Граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ“ бара независен 24-часовен мониторинг и затворање на цементарницата

Точно напладне, од пред Владата во Скопје започна протестен марш против загадувањето, организиран од граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ“. Под мотото „Профит за УСЈЕ, болест за народот“, граѓаните го искажаа своето незадоволство и сериозна загриженост за влијанието на цементарницата врз здравјето и квалитетот на животот.
На протестот беа истакнати бројни транспаренти со пораки како „На хартија бело, во дробови црно“, „Дишеме отров“, „Воздухот не е луксуз, туку наше право“ и „Станете граѓани, ни ги трујат децата“. Учесниците повторно побараа затворање на цементарницата, потенцирајќи дека економскиот профит не смее да биде поважен од здравјето на граѓаните.
Како едно од клучните барања, организаторите го посочија поставувањето независни мерни станици за 24-часовен мониторинг на квалитетот на воздухот. Тие нагласија дека сè додека не се воспостави ваков систем, немаат доверба во официјалните тврдења дека фабриката не придонесува за загадувањето.
Непосредно пред почетокот на протестот, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека институциите работат на обезбедување почиста и поздрава животна средина и дека граѓанските протести се легитимен дел од демократското општество. Тој истакна дека секој граѓанин има право јавно да го изрази своето незадоволство и додаде дека Владата вложува напори за решавање на проблемите кои со години биле занемарувани.
Протестниот марш продолжи пред Собранието, а заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање. Оттаму, граѓаните порачаа дека ќе продолжат со јавниот притисок сè додека не добијат конкретен и јасен институционален одговор.

