ПРОМЕНА ПО ТРИ ДЕЦЕНИИ – Петар се повлече, Никола доаѓа на чело на Австралиско-новозеландската епархија
Новиот митрополит има 28 години монашки стаж и богато црковно искуство

Изборот на епископот Никола за митрополит на Австралиско-новозеландската епархија бил извршен со тајно гласање на седница на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА. Предлогот гласањето да биде тајно го дал митрополитот Крушевско-демирхисарски Јован, повикувајќи се на канонските правила според кои избор на митрополит се врши токму на ваков начин. На гласањето, 12 владици се изјасниле „за“, додека еден бил „воздржан“.
На седницата присуствувале сите архијереи, со исклучок на владиката Григориј, кој бил отсутен поради здравствени причини, и владиката Методиј, кој се наоѓа во САД. Неофицијално, двајцата гласале преку делегиран глас.
Од Синодот информираат дека разрешувањето на досегашниот администратор на епархијата, митрополитот Петар, е направено на негово лично барање. Во соопштението се наведува дека Синодот го прифатил неговиот предлог за избор на нов митрополит и го назначил епископот Велички г. Никола (Трајковски) за нов архијереј на Австралиско-новозеландската епархија, со важност од денот на изборот.
За разлика од овој избор, изборот на Дебарско-кичевскиот митрополит Георгиј бил едногласен и без тајно гласање.
По 28 години монашки живот, Никола ја презема една од најпредизвикувачките епархии во рамки на МПЦ-ОА. На митрополитскиот трон доаѓа на 52-годишна возраст, наследувајќи го митрополитот Петар, кој по три децении се повлекува од раководењето со епархијата во Австралија.
Новоизбраниот митрополит е роден во 1974 година во Скопје. Неговото високо образование не е класично богословско и дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Богословските квалификации ги стекнал преку постдипломски студии на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Софија, каде во 2008 година магистрирал на тема „Придонесот на руското духовништво за црковниот живот во Македонија во 20 век“. Истражувањето е објавено како книга на македонски и руски јазик, а моментално е докторанд на истиот универзитет.
Во црковните кругови важи за близок до Руската православна црква. Дополнително се усовршувал во областа на средновековната литература за време на двегодишен престој на Карловиот универзитет во Прага.
Во монашкиот живот влегува во 1998 година во манастирот „Свето Преображение“ во Зрзе, кога е замонашен и ракоположен за ѓакон, а една година подоцна и за свештеник.
Во 2006 година е унапреден во игумен и поставен за старешина на манастирот „Свети Никола“ во Мариово, каде служи сè до неговиот избор за митрополит. Во 2012 година е произведен во чин архимандрит.
Во 2023 година е избран за викарен епископ на Преспанско-пелагониската епархија со титула епископ Велички, а во 2024 година во соборниот храм „Свети великомаченик Димитриј“ во Битола е хиротонисан за епископ.
Во неговата биографија се издвојува и ангажманот во обновата на манастирскиот комплекс во Мариово, каде од 2008 година се реализирани повеќе конзерваторско-реставраторски зафати, обновен е богослужбениот живот и е развиена манастирската економија. Во манастирот моментално живее уште еден монах.


