ПРОДОЛЖУВА ЈАВНАТА РАСПРАВА ЗА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ – На ред Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Министерката Јаневска најави дека конструктивните забелешки ќе бидат разгледани, а законот ќе го унапреди квалитетот на високото образование и ќе овозможи поголема вмреженост со странски универзитети.

ПРОДОЛЖУВА ЈАВНАТА РАСПРАВА ЗА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ – На ред Универзитет „Св. Кирил и Методиј“
Фото: Национал

На Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска попладне ќе се одржи јавна дебата за предлог-законот за високо образование. Настанот е трет по ред од вкупно шест планирани јавни расправи на државните универзитети, а на него ќе присуствува и министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Претходно, вакви дебати се одржаа на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје и на Универзитет „Св. Климент Охридски“ во Битола, каде што учествуваше и наставно-научниот кадар од Универзитет „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Предлог-законот за високо образование, заедно со Законот за квалитет во високото образование, се објавени на Националниот регистар на прописи – ЕНЕР. Дополнително, Министерство за образование и наука отвори и две посебни електронски адреси преку кои јавноста може да доставува забелешки и предлози.

Министерката Јаневска истакна дека сите конструктивни и аргументирани предлози ќе бидат разгледани и прифатени, а евентуалните технички пропусти во текстот ќе бидат коригирани. Законот ќе остане објавен на ЕНЕР до крајниот рок, по што работната група ќе ги разгледа сите пристигнати забелешки и ќе ги вгради оние што ќе се оценат како прифатливи, пред документот да влезе во владина процедура.

„Ќе се разгледуваат исклучиво сериозни и академски издржани забелешки. Целта на јавната расправа е да ги слушнеме аргументите на универзитетската заедница и, таму каде што е можно, да направиме прилагодувања“, нагласи Јаневска.

Според неа, предложениот закон е прогресивен и насочен кон значително унапредување на квалитетот на високото образование.

„Македонија нема време за потпросечни резултати. Мораме да држиме чекор со регионот и со светот, во спротивно ќе продолжи иселувањето на младите и нивниот придонес ќе го користат други држави“, изјави министерката.

Законот, како што посочи таа, предвидува засилена научноистражувачка работа, модернизација на студиските програми без нарушување на универзитетската автономија, посилна законска контрола преку системот за обезбедување квалитет, како и поголемо вмрежување со странски универзитети, заеднички програми и двојни дипломи.

„Доколку имплементацијата биде успешна, за неколку години ќе имаме видлив напредок во квалитетот и подобра позиција на нашите универзитети на меѓународните ранг-листи“, заклучи Јаневска.

CATEGORIES
Share This