ПРЛИЧЕВИ БЕСЕДИ ВО ОХРИД – Чествување на ликот и делото на Григор Прличев

Премиерно прикажување на документарен филм и награда за најдобра беседа

ПРЛИЧЕВИ БЕСЕДИ ВО ОХРИД – Чествување на ликот и делото на Григор Прличев
Фото: Принтскрин

Ликот и делото на охридскиот и македонски поет и преродбеник Григор Прличев и оваа година ќе бидат чествувани со низа културни настани во рамките на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“.

Манифестацијата, која се организира по повод годишнината од смртта на Прличев, започнува на 5 февруари со изложба на ликовни дела од колекцијата на Центарот за култура „Григор Прличев“ во изложбениот салон.

Централен настан ќе биде врачувањето на наградата „Григор Прличев“ на лауреатот Братислав Ташкоски, кој годинава победи на конкурсот за најдобра поема со својот труд „Темна кутија“. На настанот ќе биде презентирана наградената поема, а ќе има обраќања од лауреатот и од претставници на Општина Охрид.

Следниот ден, на 6 февруари, чествувањето ќе продолжи со положување цвеќиња пред споменикот на Прличев во училишниот двор на ООУ „Григор Прличев“, како и со панихида и полагање цвеќиња на гробот на Прличев кај црквата „Света Богородица Перивлепта“.

Во 11:00 часот, во Спомен-куќата на Григор Прличев, ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“. Во рамките на настанот ќе биде изведена песната „1762 лето“, ќе има обраќање на претставник на Општина Охрид, ќе бидат врачени два примерока од книгата „Јазик и леб“ од Славе Ѓорѓо Димоски, отпечатена со Брајово писмо, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и на Здружението за слепи лица од Охрид, како и награди за провонаградените литературни творби од конкурсот на ООУ „Григор Прличев“.

Потоа ќе следуваат читање на наградените творби и промоција на книгата „Охридска книжевна историографија“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Во 12:30 часот ќе се положат лаворов венец и цвеќиња пред спомен-бистата на Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“.

Во 13:00 часот во библиотеката „Григор Прличев“ ќе се одржи „Прличева визита“, со премиерно прикажување на документарниот филм „По стапките на Прличев“ на м-р Милчо Јованоски. На настанот ќе биде врачена и наградата на Софија Стојанова, чија беседа беше избрана за најдобра на отворениот конкурс.

Во 19:00 часот, во Центарот за култура, свечена приредба по повод патрониот празник ќе одржи општинското основно училиште „Григор Прличев“. Манифестацијата ќе биде заокружена со осмото издание на поетскиот карван „Добри гости“ во чест на Прличев, во „Култ културен центар“.

„Прличевите беседи“ се организираат веќе шест децении како одбележување на годишнината од смртта на големиот поет, кој почина на 4 февруари пред 133 години. Прличев, пред повеќе од еден и пол век, беше овенчан со лаворов венец во Атина за својата поема „Сердарот“.

CATEGORIES
Share This