PRILEP JAZZ WEEKEND БЕЗ ПОДРШКА ОД МИНИСТЕРСТВОТО – Културата надвор од центарот тивко се гаси
Фестивалот со повеќе од една деценија континуитет, публика и препознатлив идентитет, останува поддржан од граѓаните.

Прилепскиот фестивал Prilep Jazz Weekend, кој го организира Здружението за субкултура „ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП“, со жалење информира дека Министерството за култура годинава одлучило да не го поддржи фестивалот, и покрај тоа што 2026 година требаше да биде неговото 15-то, јубилејно издание.
Од здружението нагласуваат дека оваа одлука не треба да се гледа како изолиран случај, туку како дел од поширок проблем во културната политика. Prilep Jazz Weekend не е експериментален проект или краткорочна иницијатива – тоа е фестивал со јасна програмска визија, стабилен континуитет, препознатлив културен идентитет и изградена публика, кој повеќе од една деценија придонесува за културниот живот на Прилеп и поширокиот регион.
Во реакцијата се отвораат и сериозни прашања од јавен интерес: Дали државната културна политика свесно оди кон централизација, маргинализирајќи ги настаните надвор од главниот град? Дали континуитетот, квалитетот и публиката повеќе не се релевантни критериуми при распределбата на јавните средства? Дали комисиите што одлучуваат за поддршката навистина се независни и стручни, или селекцијата се врши според неформални и селективни критериуми?
„Со вакви одлуки културата надвор од центарот тивко се гаси – без објаснување и без преземање одговорност“, се наведува во соопштението.
Организаторите предупредуваат дека ова не е удар само врз еден фестивал, туку порака до сите културни работници во внатрешноста дека нивниот труд, без оглед на резултатите и годините работа, е лесно заменлив.
Во јавноста се поставува и суштинското прашање: дали Република Северна Македонија сака жива, децентрализирана култура достапна насекаде, или култура сведена на неколку локации, имиња и „подобни“ проекти.
И покрај одлуката на институциите, организаторите најавуваат дека Prilep Jazz Weekend ќе продолжи да постои, поддржан од публика, идеја и упорност. Тие бараат транспарентност и јасен одговор зошто институциите се откажуваат од докажани културни вредности, особено кога тие доаѓаат надвор од центарот.
„Бараме транспарентност. Бараме образложение. Бараме одговорност. Културата не смее да биде жртва на молк, бирократија и селективна поддршка. Културата не е привилегија – таа е право и мора да биде достапна насекаде“, порачуваат од Здружението за субкултура „ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП“.

