ПРИЈАВИ СЕ ДО 5 МАРТ – Не ја пропуштајте можноста за субвенциониран оброк
Право на субвенциониран оброк имаат студенти со приход под минималната нето плата, како и постдипломци и интегрирани студенти

Министерството за образование и наука (МОН) ги известува студентите дека рокот за пријавување за субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денес до 5 март 2026 година.
Правото на субвенциониран оброк го имаат сите редовни студенти на додипломски студии со месечен приход под минималната нето плата како и студентите на постдипломски и интегрирани студии на државните и приватните универзитети во земјата.
Студентите кои ги исполнуваат условите можат да поднесат електронска апликација преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk. На порталот се наведени и деталите за условите, како и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, можат повторно да аплицираат. Рокот важи и за оние кои не аплицирале во претходните периоди.


