ПРИЈАТЕЛСТВОТО НАД ДИПЛОМАТСКИТЕ ФОРМАЛНОСТИ – Милатовиќ испрати моќна порака од Собранието
Милатовиќ ја потенцира силата на пријателството и културните врски меѓу двете земји.

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, во обраќањето пред македонскиот парламент, нагласи дека пријателството меѓу Црна Гора и Северна Македонија ги надминува обичните дипломатски формалности.
„Тоа е суштинско, проверено и вистинско пријателство, создадено од поединци како нашиот голем книжевник Радован Зоговиќ, кој во црногорскиот и македонскиот карактер препозна истиот непокорлив дух на слободата. Нишката што нè врзува се гледа и во делото на вашиот голем писател и револуционер Кочо Рацин, кој во црногорските другари виде браќа според идеалите на правдината“, истакна Милатовиќ.
Претседателот на Црна Гора, кој е во своја прва официјална посета на земјата, потенцираше дека неговата земја се наоѓа пред вратата на Европската Унија и со оптимизам очекува наскоро да стане нејзина членка.
„Ние сакаме да станеме 28-ма земја членка во 2028 година. Но, сакам јасно да кажам дека нашата визија не е комплетна без вас. Целта ни е целиот Западен Балкан да биде нераскинлив дел од европското семејство“, истакна тој.
На обраќањето во пленарната сала присуствуваа претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, која беше домаќин на Милатовиќ и со која имаше средба и прес-конференција во Вилата „Водно“. Говорот го следеа и членови на македонската Влада, претставници на правосудството, верски лидери и дипломатскиот кор.
Во Собранието, црногорскиот претседател имаше и средба со претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши.
