ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МАНУ ПРЕДУПРЕДУВА – Науката мора да стане стратегиски приоритет

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Живко Попов, повика на системски реформи во науката и високото образование.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МАНУ ПРЕДУПРЕДУВА – Науката мора да стане стратегиски приоритет
Фото: Национал

Развојот на современите општества е тесно поврзан со научната мисла, а слабата научноистражувачка активност претставува показател за цивилизациски дефицит. Ова го истакна претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Живко Попов, во своето експозе на Годишното собрание на Академијата, нагласувајќи дека се неопходни системски реформи во научниот и образовниот сектор.

Според него, науката и иновациите се клучни за технолошкиот развој, економската конкурентност и вклучувањето на државата во глобалните научни текови. Тој посочи дека високото образование има централна улога во создавањето кадар кој е креативен, критички ориентиран и способен да придонесе за општествениот напредок.

Попов оцени дека придонесот на земјата во современите научни достигнувања не е на задоволително ниво, поради што е потребно системско зајакнување на научноистражувачката инфраструктура.

„Потребни се коренити реформи, а нивното спроведување мора да биде стратегиски приоритет на државата, порача тој.

Во своето излагање предложи формирање посебно Министерство за високо образование и наука, донесување современа законска рамка и воспоставување стабилен систем на институционално финансирање на универзитетските и научните активности. Воедно апелираше за побрзо усвојување на измените на Законот за Македонската академија на науките и уметностите, за кои, како што рече, Академијата чека предолго.

Како приоритетни мерки ги посочи намалувањето на бирократските процедури, утврдувањето јасни критериуми за академско напредување, стимулирањето на извонредноста, формирањето фонд за научни проекти, подобрата грижа за студентите и создавање услови за задржување на младиот академски кадар.

Попов предупреди дека партизацијата на институциите и слабата функционалност на правосудниот систем и натаму претставуваат сериозна пречка за напредокот на државата во процесот на евроинтеграции.

„Во нашето општество сѐ уште е присутна генерална партизација на администрацијата, но и на други државни институции кои треба да бидат независни, а ваквата состојба, за жал, ќе потрае, рече претседателот на МАНУ.

Тој додаде дека ваквите слабости може да создадат тешкотии и во преговорите со Европската Унија, особено поради нивното влијание врз функционирањето на правосудството.

„Направени се одредени квалитетни реформи со добри законски решенија, но нивната имплементација останува слаба, истакна Попов.

Осврнувајќи се на работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители, тој оцени дека Судскиот совет досега не се покажал доволно силен и убедлив во наметнувањето на своите одлуки. Изрази очекување дека новото законско решение ќе придонесе за подобрување на состојбата, нагласувајќи дека членовите треба да бидат меѓу најискусните и најеминентните правници во земјата.

Во делот посветен на здравствениот систем, Попов посочи дека државата се соочува со сериозни предизвици поврзани со партизацијата на институциите, организацијата на универзитетското медицинско образование и фрагментацијата на Клиничкиот центар.

„Здравствениот систем не ја избегна генералната партизација на јавните установи, а дополнителен предизвик е и сѐ посилното присуство на приватниот сектор со асиметрично учество во функционирањето на системот, рече тој.

Како сериозен проблем го посочи и неконтролираното отворање нови медицински факултети, предупредувајќи дека тоа може да доведе до намалување на квалитетот на наставата и научната работа. Според препораките на Светската здравствена организација, на околу два милиона жители следува еден медицински факултет.

Попов се осврна и на управувањето со здравствените установи, посочувајќи дека долгогодишната практика на раководење со институции преку поставени вршители на должност директори треба да се прекине, бидејќи води кон неефикасно управување.

Во завршниот дел од своето експозе, академикот нагласи дека постои простор за подобрување на односите со соседните држави преку културна и научна соработка, инфраструктурно поврзување и интензивен дијалог на сите нивоа. Според него, државата има „одличен предлог со одложено дејство“ кој може да претставува солидна основа за компромис во однос на спорот со соседите.

Тој најави дека раководството на Македонската академија на науките и уметностите ќе продолжи со активна работа насочена кон зајакнување на институцијата и нејзината улога во научниот и општествениот развој на државата.

CATEGORIES
Share This