ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЛЈАНОВСКА СО ЧЕСТИТКА ЗА ИЛИНДЕН „Републиката не се наследува, туку се изборува и заслужува“

ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЛЈАНОВСКА СО ЧЕСТИТКА ЗА ИЛИНДЕН „Републиката не се наследува, туку се изборува и заслужува“

По повод 2 Август – Денот на Републиката, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати свечена честитка до граѓаните, оддавајќи им почит на историските настани што ги обликуваа темелите на македонската државност – Илинденското востание од 1903 година и заседанието на АСНОМ од 1944 година.

Во својата порака, Сиљановска-Давкова нагласи дека Илинден претставува срж, срце и душа на македонската државност, потенцирајќи дека значењето на овој празник е исковано во постојана борба, обележана со победи и порази, но и со многу крв и солзи.

„Илинден нè учи дека Републиката не се наследува, туку секоја генерација мора повторно да ја избори, заслужи и сочува“, истакна претседателката во своето обраќање.

„Првиот посеа републиканско семе, вториот ја собра жетвата на Народноослободителната борба. Илинден е приказна што тече, се пишува и допишува со крв и солзи, порази и победи. Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува. Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа. Илинден е пример за обединување заради заедничка цел и општо добро. Илинден е ден на тивка заклетва пред Никола, Питу, Даме, Гоце… и пред мноштвото знајни и незнајни борци, дека она што го сториле за нас, несебично вградувајќи се во темелите на македонската државност, никогаш нема да го заборавиме и засрамиме. Драги потомци на славните илинденци, наследници на нивната визија, храброст и неизмерна љубов кон татковината, од срце ви го честитам Илинден, празникот над празниците. Нека е вековита македонската република! Нека ни е вечен Илинден!“

CATEGORIES
Share This