Преспа не е вечна, план за враќање на името во Обединетите нации

Преспа не е вечна, план за враќање на името во Обединетите нации
Фото: Национал

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
Понеделник, 23 јуни 2025 година

Во една претпоставена ситуација на поништување на Договорот меѓу Македонија и Грција познат како преспански договор, на Македонија и стојат на располагање четири меѓународно правно признати – механизми за остварување на своето барање, да биде нарекувана Република Македонија во рамките на ОН.

Македонија може најпрвин да го нотифицира Генералниот секретар на ОН за своето барање да биде нарекувана Република Македонија и да побара Генералниот секретар да строи се што е потребно за да се изврши оваа промена.

Во овој контекст, би било добро да се проучи востановениот прецедент од страна на Белорусија и Украина, кои своевремено го променија своето име со едноставна нотификација до Генералниот секретар за промена на името. Можните активности на Генералниот секретар се – да ја одложи нотификацијата на другите членки и органи на ОН, да бара правно мислење од Канцеларијата на Правниот совет на ОН, да го препушти предметот на Генералното собрание (ГС) или на Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации.

Во моментот е многу веројатно дека тој ќе биде неволен, автоматски да го прифати барањето на Македонија и може да одлучи да го достави барањето до ГС поради овластувањето на Собранието да одлучува за прашања што се однесуваат на членството.

Причините за одлуката на Генералниот Секретар да го достави барањето до СБ, се однесуваат на инволвираноста на меѓународниот мир и безбедност и фактот дека СБ прв даде препорака за прием на Македонија во ОН.

Не чекајќи што ќе преземе Генералниот Секретар, тактички е добро, веднаш после неговото известување, Македонија да започне да го употребува уставното име на својата табличка во ОН, притоа повикувајќи се на домашното право.

Македонија може да побара своето барање првин да го постави пред Генералното Собрание, доколку оцени дека ГС би се изјаснило повеќе во прилог на нејзиното барање, отколку што тоа би го сториле Генералниот секретар и СБ. Во оваа насока, Македонија би требало да предложи нацрт-резолуција со која би го објаснила нејзиниот став за употреба на уставното име. Тука треба да се има предвид дека Резолуцијата можеби ќе треба да биде донесена со двотретинско мнозинство, ако Грција успее да го наметне како т.н. важно прашање, а, во спротивно, согласно Повелбата, ќе биде потребно просто мозинство.

Во овој контекст, со цел однапред да се процени исходот од гласањето за каков било можен спор на пленарната седница на ГС, Македонија може своето барање прво да го постави пред Шестиот правен комитет на ГС, заради претходно гласање и испитување на расположението на земјите-членки на ОН, бидејќи евентуалното неповолно гласање за Македонија во овој Комитет ќе предизвика помала штета, отколку, ако тоа се случи на пленумот.

Можните активности на ГС се препуштање на предметот на комитетот на ГС заради донесување препораки, донесување резолуција за решавање на барањето или прашањето да се достави до Меѓународниот суд на правдата (МСП) за добивање на советодавно мислење.

Спорот може да стигне до Советот за безбедност преку Генералниот секретар или ГС, како и преку истрага водена од самиот Совет. Македонија, или Грција, може, исто така, да побара да го поднесе спорот пред СБ, кој може да го одреди барањето на Македонија или како прашање на членство за чие изгласување е потребно двотретинско мнозинство или како спор што претставува закана за мирот и безбедноста. Треба да се има предвид дека во СБ може да дојде до несогласици во однос на барањето на Македонија. СБ може исто така да бара советодавно мислење од МСП или може да даде препорака за обврзувачка арбитража на страните на спорот.

ГС или СБ можат да го достават барањето на Македонија до МСП за да добијат советодавно мислење. Во постоечките околности, ГС и СБ можат да го сфатат ваквото мислење како најдобар можен начин за разрешување на ова прашање во ОН.

Реално е да се очекува дека Македонија може да обезбеди преку Генералното Собрание да се побара правно мислење од МСП за легалноста на двата дополнителни услови (да прифатиме описно име ПЈРМ и да разговараме со Грција за своето име) што и беа поставени на Македонија при приемот во ОН, а кои немаат правен карактер и значат директно кршење на Повелбата на ОН.

Поволна околност за Македонија е тоа што МСП го разгледуваше прашањето за поставување дополнителни услови за членување во ОН. Во своето советодавно мислење, од 28 мај 1948 година, во врска со условите за прием на една држава во членство на ОН, судот зазеде правно стојалиште (содржано во ICJ Reports, 1948, p.57) дека барањата наведени во член 4 од Повелбата за членството „претставуваат исцрпувачко набројување„ и дека тие не се дадени едноставно како „раководни принципи или пример„.

Тоа значи дека, ако апликантот ги задоволи четирите услови од член 4, став 1 од Повелбата, таа држава треба да биде примена во членство без поставување на дополнителни услови. МСП експлицитно се изјасни дека со поставувањето на такви услови се крши Повелбата.

Како и да е, ситуацијата со Македонија бара добро подготвена правна стратегија, темелена на документи кои не ја лимитираат аргументацијата која е во прилог на одбрана на името. Таканаречениот спор за името гледан и низ призмата на Република Грција и низ аголот на Република Македонија – секогаш е правен, оти постои взаемно побивање на побарувања и ставови.

Се разбира, залагањето за правната можност преку ОН, не значи дека не ја прифаќам реалноста на моќта и силата  на меѓународната сцена. Несомнено е дека се работи за еден комплексен процес, кој ќе ги исфрли на површина обележјата својствени во вакви ситуации: пазарење, конфликти, искреност, неискреност, цинизам, храброст, глупост, умност…

Од наша страна потребна е огромна работа и жестоко лобирање кај државите, со цел, прво, да се запознаат со проблемот, и, второ, да ги сфатат неговите далекусежни импликации. Овој дел е работа на дипломатијата и на професионални лобисти. Кога тој би завршил успешно, уште сега е извесно дека постапката на големи исчекувања во ОН би била завршена во прилог на Македонија, да го оствари своето право да биде нарекувана Република Македонија.

Да се вратам на почетокот, сето ова подразбира претходно одземање на важноста на т.н. преспански договор. Потоа, се разбира, одредувањето на најсоодветниот начин е прашање на политичка проценка за тоа, кој орган на ОН ќе реагира најпозитивно по однос на барањето на Македонија да го оствари совето неограничено и со ништо неотуѓиво меѓународно правно признато-право право да биде биде нарекувана Република Македонија.

CATEGORIES
TAGS
Share This