ПРЕМНОГУ НОТАРИ, ПРЕМАЛКУ ПРИХОДИ Нотарите бараат повеќе пари за нивната работа

Нотарската комора апелира до надлежните институции да извршат ревизија на тарифите со цел обезбедување фер третман на нотарите, усогласен со економската реалност и нивната улога во правниот систем.

ПРЕМНОГУ НОТАРИ, ПРЕМАЛКУ ПРИХОДИ Нотарите бараат повеќе пари за нивната работа

Нотарската професија во Македонија се соочува со сериозни предизвици и потреба од реформи, предупредуваат од Нотарската комора на Република Северна Македонија (НКРСМ). На денешната средба со медиумите, претседателот на Комората, Методија Ристоски, нагласи дека е неопходно прилагодување на дел од тарифите, имајќи предвид дека надоместоците за нотарските услуги останале непроменети или дури намалени последниве 27 години.

„Наградата за заверка на потпис, извод, превод или препис веќе повеќе од две децении изнесува 100 денари – сума што не ја одразува реалната вредност на нотарскиот труд и трошоци“, истакна Ристоски.

Тој додаде дека нотаријатот функционира во услуга на граѓаните и во интерес на повеќе државни институции, без при тоа да им се обезбеди соодветен надомест или покривање на реалните материјални трошоци.

Според Комората, постојната состојба не само што ги потценува напорите на нотарите, туку и ја загрозува одржливоста на професијата. Растот на животните трошоци, платите, инфлацијата и други режиски давачки, според Ристоски, дополнително го нагласуваат потребното прилагодување на тарифите.

Исто така, нотарите посочуваат дека во јавноста постои искривена перцепција за нивните приходи, бидејќи преку нивните сметки поминуваат средства што се наменети за други институции. Иако тие суми не се личен приход, во завршните сметки се водат како бруто износ, што дава нереална слика за заработувачката на нотарите.

Ристоски потенцираше и проблемот со прекумерниот број нотари. Според официјалните податоци, во 2000 година имало 100 нотари, во 2010 – 140, додека во 2024 бројката достигнала 220. Иако правилникот предвидува по еден нотар на 20.000 жители, некои градови, како Куманово, имаат значително повеќе – 14 наместо 4. Во Скопје, бројот е дури двојно над предвиденото.

Комората презентираше и регионални споредби – во Македонија заверката на потпис чини 1,63 евра, додека истата услуга во Албанија изнесува 18,8 евра, во Хрватска 7 евра, во Србија 2,56 евра, а во Бугарија 5,12 евра.

Нотарската комора апелира до надлежните институции да извршат ревизија на тарифите со цел обезбедување фер третман на нотарите, усогласен со економската реалност и нивната улога во правниот систем. Ристоски нагласи дека Комората е во комуникација со Министерството за правда и Владата, со цел да се најде решение што нема да го оптовари буџетот на граѓаните, а ќе го зачува достоинството и одржливоста на професијата.

CATEGORIES
TAGS
Share This