ПРЕМИЕРОТ НЕГИРА МИНИСТЕРСКИ СМЕНИ ПО ИЗЈАВАТА НА КАСАМИ- Ако некој заборавил кој ја составува Владата, да го потсетам
Мицкоски реагира на неофицијалните информации дека Беса ќе побара смена на Лимани

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е задоволен од работата на министерот за социјални политики, демографија и млади Фатмир Лимани и дека го смета за додадена вредност во Владата.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавениот состанок на партијата Беса, на кој, според неофицијални информации, ќе се бара Лимани повеќе да не биде министер од нивните редови, Мицкоски порача дека тој е мандатар и ја составува Владата.
„Јас сум мандатар на Владата и јас ја составувам. Ако некој тоа го заборавил, еве да го потсетам“ – изјави премиерот.
Во однос на изјавата на претседателот на Беса, Биљал Касами, дека министерот за правда Игор Филков би можел да биде опфатен со евентуална реконструкција на Владата, Мицкоски рече дека нема информација за тоа и упати новинарите да се обратат кај Касами.
„Не знам, тоа можете да го прашате господинот Касами“ – додаде Мицкоски.


