ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ: Идентитетот е вистинското прашање
По божикната литургија, премиерот повика на национално единство и поддршка за македонските интереси

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, по божикната литургија во Соборниот храм во Скопје, изјави дека се потврдуваат ставовите оти барањето Бугарите да бидат внесени во Уставот не е единственото барање на Софија, туку дека станува збор за обид за целосно редефинирање на македонскиот идентитет.
„Тоа воопшто не ме чуди. Само ги потврдува тезите што ги изнесувавме уште од самиот почеток дека не станува збор само за Бугарите во Уставот, туку за комплетно редефинирање на македонскиот идентитет. Но, ова се денови кога треба да простуваме, да се обединуваме и да се сплотуваме како народ и како нација. Верувам дека конечно ќе сфатиме дека, без разлика дали сме власт или опозиција, за одредени прашања мора да бидеме заедно“, изјави Мицкоски.
Тој изрази жалење што, како што рече, претходната Влада „влегла во авантура“ која го заглавила евроинтегративниот процес на државата. Воедно, упати апел до опозицијата да се откаже од тезите што ги пласира во јавноста во врска со евроинтеграциите и да застане во одбрана на македонските национални интереси.
„Жал ми е што тогаш беше прифатена капитулација, односно ултиматум од нашиот источен сосед, наместо да се послушаат нашите аргументи. И сега повторно ја подавам раката до опозицијата да ги напуштат тие ставови и конечно да застанат во одбрана на македонските национални интереси. Ова е ден кој повикува на таков чекор, нагласи премиерот.
Во меѓувреме, Бугарија пред неколку дена не го прифати Предлог-акцискиот план за малцинствата, со образложение дека документот бил напишан на македонски јазик. Акцискиот план, кој сè уште е во работна верзија, е изготвен согласно член 35 од преговарачката рамка за земјава, усвоена од Советот на Европската Унија на 18 јули 2022 година.


