ПРАВИЛА И ОГРАНИЧУВАЊА ЗА ИЗБОРНИОТ ПЕРИОД – ДКСК потсетува на забраните за време на Локалните избори
ДКСК ќе го следи целиот изборен процес, ќе ги пријавува прекршувањата до надлежните органи и ја повикува јавноста, медиумите и здруженијата навремено да пријават незаконски дејствија.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) испрати укажувања до институциите, политичките партии, учесниците во изборниот процес и јавноста за почитување на законските одредби за време на Локалните избори 2025. Забраните важат од денот на распишувањето на изборите до нивното завршување и конституирањето на новите совети на општините и Град Скопје.
Забрането е започнување изградба на нови објекти со буџетски или јавни средства (патишта, училишта, градинки, инфраструктура) освен ако се дел од претходно одобрени програми за тековната година. Не се дозволени еднократни исплати, нови вработувања или колективни договори, освен во итни случаи.
Забрането е прибирање или користење средства од противправни или анонимни извори. Не смее да се користи државен или општински имот и јавни ресурси за изборни активности.
Строга забрана за поткуп на избирачи, давање подароци или корист, како и за притисок и заплашување на гласачи или нивни блиски лица.
Од 20 дена пред почетокот на кампањата до завршувањето на изборите е забрането одржување на јавни настани за почеток или пуштање во употреба на проекти со државни средства. Исклучок се митинзи, медиумски интервјуа и јавни изјави.
Министерството за финансии мора јавно да објавува сите исплати (освен редовните плати, пензии и комунални трошоци) и да поднесе предизборен финансиски извештај две недели по распишувањето на изборите.
Забранета е употреба на канцелариски простор, опрема и службени возила за изборни цели. Сите институции со државен капитал во рок од 10 дена треба да достават список на службените возила до ДКСК.
ДКСК ќе го следи целиот изборен процес, ќе ги пријавува прекршувањата до надлежните органи и ја повикува јавноста, медиумите и здруженијата навремено да пријават незаконски дејствија.


