ПОЖАРИ ВО КРИВА ПАЛАНКА – закана за Лозаново, апел за помош од градоначалникот

ПОЖАРИ ВО КРИВА ПАЛАНКА – закана за Лозаново, апел за помош од градоначалникот

Три шумски пожари утрово избувнаа во близина на населбата Лозаново и селото Градец, на подрачјето на Крива Паланка. Поради силниот ветер, огнената стихија брзо се прошири и се приближува кон куќите, предизвикувајќи сериозна закана за населението.

Командирот на Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски, информира дека сите расположливи екипи се на терен, а дополнителна помош е побарана и од соседната општина Ранковце, каде исто така има активен пожар во селото Милутинци. На терен делуваат и екипи од Јавното претпријатие „Македонски шуми“, како и голем број мештани.

„Една од последните дојави е дека неколку куќи во селото Градец се целосно изгорени“, изјави Коцевски.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, од теренот упати итен апел до сите граѓани кои се во можност, како и до месното население, да се приклучат во напорите за гаснење на пожарите.

-Општината е зафатена од сериозни пожари кои се шират со голема брзина и претставуваат закана за домовите и безбедноста на нашите сограѓани.  Огнената стихија се приближува до населеното место Лозаново, мораме да дејствуваме веднаш! Ги повикуваме сите граѓани што имаат можност и подготвеност – да се приклучат и помогнат во локализација и гасење на пожарите. Секоја помош е од непроценливо значење и секој човек значи разлика. Ова е момент за единство, солидарност и хуманост.  Да се мобилизираме како заедница  за заштита на нашите домови и природа, напиша на својот Фејсбук профил Митовски.

CATEGORIES
Share This