ПОЖАР ШТО ОДНЕСЕ ГЕНЕРАЦИЈА – Судски сведоштва од Кочани

Пожарникарите и преживеаните детално ја опишаа ноќта на трагедијата во дискотеката „Пулс“

ПОЖАР ШТО ОДНЕСЕ ГЕНЕРАЦИЈА – Судски сведоштва од Кочани
Фото: Национал

Со потресни сведочења на пожарникарите и преживеаните, денеска продолжи судскиот процес за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, претежно млади.

Пожарникарите сведочеа дека повикот за интервенција го примиле во 2:35 часот по полноќ. Од другата страна на линијата се слушале лелеци и крици за помош, додека огнот молскавично се ширел и за неколку минути предизвикал целосен хаос и стампедо кон единствениот излез.

Благојчо Паунов, пожарникар во Територијалната противпожарна единица во Кочани, изјави дека на местото на настанот пристигнале пет минути по дојавата, но пред влезната врата веќе имало тела испреплетени едно со друго, што тешко се извлекувале. Најтешка била состојбата кај влезот, билетарницата и тоалетите.

„Во билетарницата затекнавме повеќе од десет млади лица без знаци на живот. Ги извлекувавме едно по едно – послабите полесно, покрупните со голем напор. Некои беа во шок и грч, други во паника газеа врз сите околу себе за да излезат“, раскажа Паунов, додека од задниот дел на судницата се слушаа плач и лелекање од родителите на загинатите“.

Командирот на противпожарната единица, Драган Апостолов, сведочеше дека условите внатре биле екстремни и температурата била ненормално висока, плафонот и дел од инвентарот целосно изгорени.

„Три тела беа целосно јагленосани, едното на маса, друго потпрено на столб, а третото со рацете исправени нагоре“, изјави Апостолов.

Тој додава дека и самите пожарникари биле изгорени и покрај заштитната опрема.

Пожарникарите посочија дека поради масовното стампедо, огнот речиси и не се гледал, а пристапот бил исклучително отежнат. Противпожарните црева не можеле да се користат, а кислородот во објектот бил речиси целосно потрошен. Пожарот бил локализиран дури околу 4 часот наутро, по речиси двочасовна интервенција.

Сведоците укажаа и на сериозни пропусти и паркингот бил блокиран со возила на гостите, што го отежнало пристапот на противпожарните возила, а внатре биле пронајдени расфрлани противпожарни апарати кои не биле употребени.

Пред судот сведочеше и преживеана млада девојка, која изјави дека се онесвестила и се разбудила на паркингот, каде што била оставена откако била спасена. Таа, како и други преживеани, посочи дека по реновирањето плафонот во дискотеката бил значително спуштен. Друг сведок изјави дека не добил фискална сметка за билетот и дека и претходно во објектот била користена пиротехника.

Многу од преживеаните, како што беше нагласено, сè уште имаат видливи изгореници и сериозни проблеми со дишењето, поради отровните гасови ослободени при горењето на материјалите.

CATEGORIES
Share This