ПОВЛАСТЕН ДДВ ОД 5% ЗА НОВИ СТАНОВИ И ВО 2026 ГОДИНА – Заштеда и до 15.000 евра при купување нов стан
Стапката од 5% ќе се применува на првиот промет на новоизградени станови до 31 декември 2028 година

Повластената стапка на ДДВ од 5% за новоизградени станови ќе продолжи да важи и по 1 јануари 2026 година. Ова е предвидено со измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност, кои беа усвоени во Собранието, потврдуваат од Министерството за финансии (МФ).
Според измените, повластената стапка од 5% ќе се применува на првиот промет на станбени згради и станови, односно на делот што се користи за станбени цели, кој се реализира во рок од пет години по изградбата. Новиот рок за примена на оваа стапка е од 1 јануари 2026 до 31 декември 2028 година.
Во моментов, според досегашниот Закон, повластената стапка од 5% на новоизградени станови беше предвидено да важи до 31 декември 2025 година.
На пленарна седница во Собранието пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Катерина Димитровска нагласи дека мерката директно го подобрува животниот стандард на граѓаните, спречувајќи дополнителен ценовен притисок на веќе скапите недвижности.
„За стан од околу 70 м², граѓаните можат да заштедат до 15.000 евра, во зависност од цената, што претставува конкретна поддршка, а не декларативна политика“ – рече таа.
Димитровска потсети дека според претходното законско решение, од јануари 2026 година ДДВ требаше да се зголеми од 5 на 18%, што неминовно би довело до поскапување на становите. Со оваа законска измена, која ја поднеле пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, се овозможува спречување на дополнително поскапување, особено во услови на веќе високи цени и тешкотии за млади семејства да дојдат до сопствен дом.
„Суштината на работата на пратениците е носење решенија кои реално го подобруваат животниот стандард на граѓаните, а ова е токму таков пример“ – заклучи Димитровска.


