ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ Владата ќе ги доврши зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичко по 10 години застој
Изградбата на објектите започна во 2015 година, но беше прекината во 2019 година, откако новата влада предводена од СДСМ и ДУИ ја стопираше реализацијата. Од тогаш, зградите беа оставени во запуштена состојба, без покрив и со сериозни структурни ризици.

По повеќе од десет години стагнација, Владата на Република Македонија официјално го започна процесот за продолжување на изградбата на двете недовршени згради на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
Изградбата на објектите започна во 2015 година, но беше прекината во 2019 година, откако новата влада предводена од СДСМ и ДУИ ја стопираше реализацијата. Од тогаш, зградите беа оставени во запуштена состојба, без покрив и со сериозни структурни ризици.
Со цел да се обнови процесот, потпишан е меморандум за соработка меѓу Владата, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Градежниот факултет и Службата за општи и заеднички работи. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека биле потребни обемни подготовки за прибирање и ревидирање на старата проектна документација, која во делови е веќе застарена и мора да се прилагоди на новите законски норми.
„Овие објекти стојат како карабина речиси десет години. Заклучивме дека ни е потребна стручна анализа за реалната состојба на терен и за надминување на сите пречки“, истакна Јаневска.
Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Анѓелова, нагласи дека довршувањето на зградите ќе придонесе за значително подобрување на условите во кои наставниците работат и студентите студираат.
Процесот ќе вклучи формирање на работна група од Градежниот факултет, која ќе спроведе теренска проверка, ќе ја ревидира постојната техничка документација и ќе ги утврди следните чекори. Тимот експерти што ќе работи на проектот ќе го стори тоа на доброволна основа, како придонес за образованието и општеството.
„Најлошо е да оставиме вакви објекти да пропаѓаат, откако веќе се потрошени сериозни средства“, изјави деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Горан Марковски.
Според првичните пресметки, проектот за ФИНКИ изнесува околу 784 милиони денари, од кои досега се реализирани 40%. Кај Факултетот за физичко образование, од вкупно 432 милиони денари, реализирани се помалку од 17%.
Очекувањата се дека до крајот на 2025 година ќе се завршат сите потребни анализи, по што ќе биде распишан јавен повик за продолжување на изградбата. Студентите на овие два факултета, кои со години студираат во несоодветни услови, конечно би можеле да добијат современи и функционални простории какви што заслужуваат.


