ПОСВЕТЕНОСТ НА МИРОТ И ОДРЖЛИВИОТ РАЗВОЈ Македонија одбележа 80 години Обединети Нации

Министерството за надворешни работи и ОН во земјата ја потенцираа важноста на мултилатерализмот и глобалната соработка.

ПОСВЕТЕНОСТ НА МИРОТ И ОДРЖЛИВИОТ РАЗВОЈ Македонија одбележа 80 години Обединети Нации
Фото: Национал

Денес, во Музејот на град Скопје, беше одбележан Денот на Обединетите нации, кој годинава се совпадна со 80-годишнината од основањето на ОН. Настанот ја истакна заедничката посветеност на народите кон мирот, безбедноста, човековите права и одржливиот развој.

Свеченоста беше организирана во соработка меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Канцеларијата на Обединетите нации во земјата. Целта на настанот беше да се потенцира значењето на мултилатерализмот и меѓународното партнерство во решавањето на глобалните и регионалните предизвици.

Во своите обраќања, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и постојаниот координатор на ОН, Рита Колумбиа, ја потврдија посветеноста кон принципите на Повелбата на ОН, како и кон продолжување на соработката за зајакнување на институциите, унапредување на човековите права, заштита на животната средина и исполнување на Агендата 2030 за одржлив развој.

Министерот Муцунски нагласи дека годинашната тема на одбележувањето е „Промовирање на мирот, единството и глобалните партнерства“. Тој потенцираше дека Република Северна Македонија останува цврсто посветена на мултилатерализмот, меѓународното право и глобалната соработка, истакнувајќи дека најголемите предизвици на денешницата можат да се решаваат само заеднички.

„На 80-годишнината од основањето на ОН, како земја членка ја потврдуваме цврстата верба во глобалната соработка и вредностите на Обединетите нации. Остануваме доверлив партнер во промовирањето на мирот, правдата, човечкото достоинство, дијалогот, толеранцијата и солидарноста,“ рече Муцунски.

Министерот додаде признание до сите кои несебично работат за ширење на вредностите на ОН – одржување на мирот, заштита на обесправените, борба против сиромаштијата и климатските промени, како и елиминирање на сите форми на дискриминација.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја потврдува својата поддршка за мисијата и вредностите на Обединетите нации, со уверување дека преку солидарност, дијалог и заемна почит може да се обезбеди мирна и просперитетна иднина за сите – без никого да се изостави.

CATEGORIES
Share This