ПОРАНО БЕШЕ ПРЕСТИЖ, ДЕНЕС Е РИЗИК Младите сè помалку избираат факултет
Универзитетите се празнат – дипломата ја губи вредноста, а курсевите и странството стануваат новиот „универзитет“

„Порано беше престиж да студираш, денес е ризик.“ Со оваа реченица, образовните аналитичари најкратко ја опишуваат состојбата во македонското образование.
Според податоците од последната деценија, бројот на запишани студенти во државните и приватните универзитети постојано опаѓа. Универзитетските клупи се празнат, а младите сè почесто го избираат патот кон странство, брзи курсеви за практични вештини или директно влегуваат на пазарот на труд.
Експертите предупредуваат дека младите ја губат вербата во вредноста на факултетската диплома. Многумина гледаат како нивни пријатели со завршени студии работат во маркети, на шалтери или се иселени и се занимаваат со сосема други професии.
Тоа создава впечаток дека образованието не е инвестиција, туку трошок и изгубени години. Проблемот е во тоа што факултетите не успеале да се прилагодат на реалните потреби на пазарот на труд. И токму тука нешто се скрши.
Денешните генерации растат во време на брзи технолошки промени, каде дипломата веќе не е гаранција за сигурна иднина. Курсеви за ИТ, дигитален маркетинг или графички дизајн нудат можност за заработка уште на осумнаесет години.
Нивниот приоритет е независност, не титула. А кога ќе сфатат дека можат да заработуваат исто колку и нивните професори, изборот е повеќе од логичен. Според студентите, системот е застарен и оддалечен од современите потреби. Учебници стари по две децении, предавања со креда на табла и ограничена употреба на дигитални алатки – тоа се дел од причините поради кои факултетот ја губи привлечноста. Факултетот це повеќе се смета место каде не те учи како да се снајдеш во животот, туку како да поминеш испитен рок.
Со ниски плати и растечки трошоци за живот, многу семејства не можат да си дозволат студент во куќата. Младите се соочуваат со избор: работа со 400 евра месечно или факултет без перспектива. Најчесто, првата опција победува.
Иселеништвото како се повеќе да станува новиот универзитет. Кога еднаш ќе заминат, ретко кој се враќа на студии. Високото образование во Македонија сè потешко ги привлекува новите генерации. Недостигаат модерност, практична настава и соработка со индустријата. Младите сакаат конкретно искуство, менторство и јасен пат кон кариера.
Сепак, не недостига надеж. Сè повеќе млади избираат пат на самообразување – следат бесплатни програми, онлајн курсеви и градење на конкретни вештини преку интернет. Образованието повеќе не е институција, туку процес. Прашањето е дали државата ќе го препознае тоа навреме.
Додека бројките опаѓаат, сè повеќе се поставува прашањето: кој ќе ја носи иднината на државата? Зашто, без млад и образован кадар, нема развој, нема иновација и нема напредок.
Не секој мора да биде академик, но секое општество мора да ја цени мислата. А кај нас, се чини, мислата сè поретко се плаќа. Билетот во еден правец до странство, за жал, и натаму вреди повеќе од факултетска диплома.
На пример, статистичките податоци велат дека сè помалку матуранти во САД се одлучуваат да продолжат на факултет, убедени дека задолжувањето за диплома веќе не вреди. Млади средношколци кои неодамна завршиле средно образование, долго време сонувале за студии, но по матурирањето го промениле мислењето. Денес рабоати на арзни места и, како што велат, од тоа добро заработуваат. Зошто би вложувале толку пари во парче хартија што нема да ни помогне во тоа што го работиме? – прашуваат тие.
Според нив, многумина од нивната генерација за време на пандемијата сфатиле дека успехот не зависи од факултетска диплома.
Истовремено, кризата со студентските долгови во САД сè повеќе се продлабочува, додека бројот на слободни работни места расте. Токму затоа многу млади решаваат веднаш по матурирањето да започнат да работат наместо да студираат.
Сомнежите во вредноста на факултетското образование не се нови. Веќе со години истражувањата покажуваат дека расте бројот на млади кои сметаат дека студирањето е прескапо и дека дипломата повеќе не гарантира сигурност и можности како во минатото.


