ПОРАКА ОД МИЦКОСКИ – Има доволно нафта, граѓаните да бидат спокојни

Премиерот нагласува дека цените на нафтата и дериватите се под контролa и дека Владата е подготвена за интервенции.

ПОРАКА ОД МИЦКОСКИ – Има доволно нафта, граѓаните да бидат спокојни
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски увери дека има доволно нафта и нафтени деривати и дека граѓаните треба да бидат спокојни. Владата, рече тој, ќе интервенира веднаш ако се појави драматичен скок на цените.

Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, Мицкоски нагласи дека нема да ги коментира одлуките на Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи таа е независна и носи одлуки според својата методологија.

„Имавме состанок со поголемите дистрибутери на нафта и нафтени деривати. Заеднички заклучивме дека има доволно залихи. Граѓаните треба да бидат спокојни, а цените кај нас се значително пониски од соседните земји. Ако литар нафта во Србија е 120 денари, кај нас е 70, слично е и со Косово и Албанија. Како Влада, приоритет ни е стандардот на граѓаните. Ако дојде до драматичен скок на цените, Владата ќе интервенира уште на следната седница, со можни мерки како намалување на акциза или ДДВ. Апсолутно ќе застанеме во одбрана на интересот на граѓаните“, рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека инфлацијата и трошоците за живот во јануари изнесуваат 3,1%, но се очекува овие бројки да се стабилизираат и да паднат под три проценти во февруари.

„Добро е што авторите на т.н. минимална синдикална кошничка јавно признаа дека јавноста била манипулирана и тоа не е минимална, туку просечна кошничка изработена од синдикатот. Јавноста се увери во овие политички манипулации. Ние, преку ДПИ и Комисијата за заштита на конкуренцијата, ќе ги искористиме сите алатки, го менуваме законот и ги зголемуваме глобите 10-20-кратно. Секое нефер однесување на маркетите ќе биде најстрого казнето. И покрај најтешките услови, кога дојдовме како Влада, не ја зголемивме цената на електричната енергија. Некои опозициски партии тврдат дека се борат за интересот на граѓаните, а истовремено ја критикуваат Владата за ниската цена на електричната енергија. Тоа се политики со двојни стандарди“, додаде Мицкоски.

Тој потврди дека имало информации за наводни забрани на точење нафта по 22 часот на некои бензински пумпи, но дека инспекциите постојано се на терен.

„Имавме такви информации. ДПИ е на терен и ги следи случувањата. Секое девијантно однесување ќе биде санкционирано согласно закон. Владата апсолутно застанува зад граѓаните, кои се нашиот главен интерес, и тоа го правиме скоро две години“, рече Мицкоски.

Според него, државните резерви се над 62 дена според вкупната дневна потрошувачка на нафта и деривати, што е на највисоко историско ниво.

„Според законот, треба да се има методологија за достигнување на 90 дена резерви. Ние ја имаме таа методологија и ќе ја достигнеме целта“, истакна премиерот.

На прашањето дали е загрижен од можен нов инфлаторен шок поради војната на Блискиот Исток, Мицкоски одговори дека Владата будно ја следи ситуацијата и ќе интервенира ако е потребно.

„Можноста за нова инфлација е реална ако кризата во Заливот потрае, и тоа е на маса. Ние не сме политичка гарнитура што внесува страв, туку која антиципира предизвици, нуди решенија и се труди да создаде поинаква атмосфера во општеството“, заклучи Мицкоски.

CATEGORIES
Share This