ПОПЛАВИ ВО КИНА Најмалку 30 загинати

Најмалку 30 лица го загубија животот во катастрофалните поплави што го зафатија кинескиот главен град Пекинг и околните провинции, откако регионот беше погоден од рекордни врнежи, јавуваат кинеските државни медиуми.
Обилните дождови започнаа за време на викендот, а во понеделникот достигнаа кулминација, особено во северните делови на Пекинг, каде што се измерени дури 543,4 милиметри врнежи. Најмногу жртви се пријавени во планинските региони – 28 во Мијун и уште две во округот Јанкинг.
Над 80.000 луѓе се принудени да ги напуштат своите домови поради надојдените води. Спасувачките служби спроведуваат масовна евакуација, а повеќе патишта, мостови и железнички линии се затворени или уништени од надојдените води и свлечишта.
Претседателот на Кина, Си Џинпинг, нареди „сеопфатна и брза“ акција за пребарување и спасување, истакнувајќи дека природната непогода предизвикала „огромни човечки жртви и значителни материјални штети“ во Пекинг, како и во провинциите Хебеј, Џилин и Шандонг.
Кинеските власти предупредуваат дека постои опасност од нови врнежи во наредните денови и апелираат до граѓаните во најпогодените подрачја да останат претпазливи и да ги следат инструкциите на спасувачките тимови.


