ПОЛИТИЧКА ВОЈНА БЕЗ РАЧНА – СДСМ обвинува, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа

Жестоки обвинувања за лажен патриотизам и политичко лицемерие.

ПОЛИТИЧКА ВОЈНА БЕЗ РАЧНА – СДСМ обвинува, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа
Фото: Национал

Политичката пресметка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжува со меѓусебни обвинувања за националните политики, европските интеграции и односот кон македонскиот идентитет.

Од СДСМ обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ со години градела политичка реторика врз, како што велат, страв, хистерија и „лажен патриотизам“, тврдејќи дека нивните политики го загрозуваат македонскиот идентитет, јазик и култура. Според партијата, актуелните ставови на владини претставници покажуваат дека тие наративи биле неосновани.

СДСМ посочува дека функционери на ВМРО-ДПМНЕ денес признаваат дека Преспаснкиот договор и членството во НАТО имаат позитивни ефекти за државата, безбедноста и економската клима. Воедно, обвинуваат дека дел од функционерите на власта поседуваат бугарски пасоши, додека јавно се спротивставуваат на уставни измени и европските процеси.

Од партијата велат дека нивниот предлог-закон за забрана на двојно државјанство за највисоките владини функционери бил одбиен токму поради тоа што, според нив, голем број функционери би биле засегнати. СДСМ оценува дека станува збор за политичко лицемерие и обид државата да се држи во изолација, додека поединци обезбедуваат лична сигурност во Европската Унија.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ возврати дека во СДСМ „ништо не се менува“ и дека новото раководство ја продолжува, како што наведуваат, „капитулантската политика“ на претходната власт. Според партијата, СДСМ прифаќа отстапки кои му штетат на македонскиот идентитет и даваат простор на официјална Софија за нови условувања.

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ со години ги претставувала сите компромиси како „последен чекор“ кон членство во Европската Унија, посочувајќи ги промената на знамето, уставните измени и промената на името како примери за, според нив, штетни отстапки. Од партијата тврдат дека секое ново попуштање отвора дополнителни барања и притисоци врз државата.

Партијата порача дека Македонија има потреба од политичари кои ќе ги штитат државните и националните интереси, а не од, како што велат, политики што водат кон нови понижувања и уцени во евроинтегративниот процес.

CATEGORIES
Share This