ПОЛИТИЧКА ПАРОДИЈА Познат адвокат претседател на партија што не знаел дека постои
Нобило наводно ги поздравил присутните и ја презентирал програмата на партијата, по што бил едногласно избран за нејзин претседател. Сепак, самиот адвокат тврди дека тој ден бил надвор од земјата и не присуствувал на настанот.

На вонредна прес-конференција поради поднесена кривична пријава против загрепскиот градоначалник Томислав Томашевиќ и други лица, адвокатот Анто Нобило откри дека Вистинското социјалдемократско движење – политичката партија за која јавноста веруваше дека тој ја основал всушност била формирана без негово реално учество.
Скандалот, кој добива сѐ побизарни димензии, кулминираше откако се појавија сомнежи дека потписите на основачите на партијата се фалсификувани. Двајца од лицата чии имиња се наведени во записникот од основачкото собрание – меѓу кои и верификаторот Анѓелко Петриќ – тврдат дека никогаш не присуствувале на собранието и дека потписите не се нивни.
„Тоа не е мој потпис, не го ни познавам Нобило“, изјави Петриќ за Индекс.
Според официјалниот записник, собранието се одржало на 1 април во Загреб, со 130 присутни основачи. Нобило наводно ги поздравил присутните и ја презентирал програмата на партијата, по што бил едногласно избран за нејзин претседател. Сепак, самиот адвокат тврди дека тој ден бил надвор од земјата и не присуствувал на настанот.
„Дадов полномошно на лице во кое имав доверба, за да ја спроведе формалната процедура. Кога подоцна ги видов документите, забележав имиња на луѓе кои не ги познавам“, изјави Нобило за N1. Тој ги обвини волонтерите за целата ситуација, но одби да го открие идентитетот на лицето кое добило полномошно, наведувајќи дека „прво треба да разговара со него“.
Истражувањето на Индекс откри уште еден нелогичен детаљ – записникот наведува дека Нобило лично го отворил собранието, што е невозможно ако не бил во земјата. Исто така, повеќе имиња на учесници, верификатори и претседавачи негираат каква било поврзаност со партијата.
Виктор Готовац, поранешен претседател на загрепскиот СДП и во записникот наведен како претседавач на собранието, за Индекс кусо рече:
„Гледам дека сум во записник, но немам никаква врска со таа партија“.
Министерството за правда, администрација и дигитална трансформација веќе добило барање за проверка на автентичноста на потписите и легалноста на регистрацијата на партијата. Се очекува официјален одговор, кој ќе покаже дали при регистрацијата било јасно наведено дека Нобило бил застапуван од овластен претставник.
Според последните информации, Нобило и останатите учесници наводно донеле одлука за распуштање на партијата, која била избришана од регистарот на 12 мај. Но, во моментот на објавување на статијата, Индекс откри дека партијата сѐ уште е формално активна.
Нобило не исклучува можност за тужба против лицето што добило полномошно од него.
„Можеби ќе тужам, бидејќи мојата доверба очигледно е злоупотребена“, рече тој.
Целиот случај отвора сериозни прашања за можни кривични дела – од фалсификување документи до кражба на идентитет. Останува да се види дали институциите ќе дејствуваат и дали Нобило, адвокат со долгогодишна кариера и јавна репутација, ќе се најде од страната на оштетените или нешто повеќе.


