ПОДРШКА ЗА МЛАДИТЕ ДРАМСКИ ТАЛЕНТИ – Конкурс „Горан Стефановски“ 2026

Наградата изнесува 60.000 денари и вклучува продукција и изведба на наградениот текст

ПОДРШКА ЗА МЛАДИТЕ ДРАМСКИ ТАЛЕНТИ – Конкурс „Горан Стефановски“ 2026
Фото: Национал

НУ Драмски театар Скопје го објави конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор до 30 години. Конкурсот е отворен до 28 февруари 2026 година.

Во чест на големиот драмски автор Горан Стефановски, театарот преку овој конкурс ја поддржува современата македонска драма и младите автори.

Услови за учество се авторите мора да бидат државјани на Македонија и да не наполниле 30 години до рокот за пријавување, поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на постоечки текстови и пријавата треба да се подготви според насоките објавени на веб-страницата на Драмски театар.

Пријавените текстови ќе ги разгледува стручна комисија од пет члена. Добитникот ќе биде соопштен на прес-конференција во пресрет на роденденот на Горан Стефановски, 27 април 2026 година. Наградата изнесува 60.000 денари (еднократно).

Авторот ќе потпише авторски договор со Драмски театар и наградениот текст ќе биде изведен на една од сцените на театарот (Малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“) во рок од две години. До премиерата, текстот не смее да биде отстапен на други лица или институции.

Со оваа награда, Драмски театар ја продолжува својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чија работа е длабоко вкоренета во историјата на театарот. На сцената на Драмски се поставени 15 негови претстави, од кои 8 се праизведби.

CATEGORIES
Share This