ПО СРЕДБАТА ВО БРИСЕЛ- Различни акценти од Кос и Муцунски
Кос дополнително ја поздрави целосната усогласеност на Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и помошта што земјата ѝ ја дава на Украина.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за „Политико“ изјави дека Македонија во моментов не е подготвена да ги спроведе уставните измени што ги бара Бугарија, доколку претходно не добие цврсти гаранции од Европската Унија дека тоа ќе биде последното барање од Софија.
„Нашиот став е јасен: ако ги направиме уставните измени, што ќе се случи ако по шест месеци Бугарија повторно излезе со нови услови поврзани со историјата, идентитетот или јазикот?“ – порача Муцунски.
Во исто време, еврокомесарката за проширување, Марта Кос, по средбата со шефот на дипломатијата во Брисел, нагласи дека е важно Македонија да ги испорача преостанатите обврски и да продолжи напред во процесот на пристапување во ЕУ. Таа во објава на социјалните мрежи истакна дека имале отворен разговор за следните чекори на европскиот пат на земјата, кој, како што рече, силно го поддржува, како и за Планот за раст. Кос дополнително ја поздрави целосната усогласеност на Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и помошта што земјата ѝ ја дава на Украина.
Сепак, во соопштението што го објави Министерството за надворешни работи и надворешна трговија по средбата не се наведува дека станало збор за обврските кои Македонија треба да ги исполни за продолжување на пристапните преговори со Европската Унија.


